Би било пожелно УЕФА да даде малку повеќе време, затоа што е тешко да се направи прогноза за настан што ќе се одржи за два месеца. Доколку почекаме до почетокот на мај, би било поизводливо да се направи подоследна прогноза за еволуцијата на епидемијата, вели Франко Локатели, научен советник во италијанската влада

ФУДБАЛ – ФРАНКО ЛОКАТЕЛИ, НАУЧЕН СОВЕТНИК НА ИТАЛИЈАНСКАТА ВЛАДА

На Италија ѝ треба повеќе време за да одлучи колку гледачи ќе може безбедно да присуствуваат на мечевите што ќе се играат во Рим, на Европското првенство, изјави главниот научен советник на италијанската влада, пренесува агенцијата „Франс прес“. Европската фудбалска унија (УЕФА) минатата недела им го продолжи рокот на земјите и на градовите да кажат колку гледачи ќе може да има на нивните стадиони. Првично, УЕФА побара конечно изјаснување до 7 април, но бидејќи некои земји не беа во можност да дадат гаранции за бројката на гледачи на трибините, УЕФА им даде уште 12 дена за донесување одлука. Како Минхен, Билбао и Даблин, и Рим има рок „до 19 април да ѝ обезбеди“ на УЕФА „дополнителни информации “ за нејзините планови за бројот на гледачи. Франко Локатели, научен советник, за државната телевизија РАИ изјави дека рокот е нереален, бидејќи е тешко да се предвиди ширењето на ковид-19.

– Би било пожелно УЕФА да даде малку повеќе време, затоа што е тешко да се направи прогноза за настан што ќе се одржи за два месеца. Доколку почекаме до почетокот на мај, би било поизводливо да се направи подоследна прогноза за еволуцијата на епидемијата – изјави Локатели.
Стадионот „Олимпико“ треба да биде домаќин на три меча на Италија во групната фаза на Европското првенство (ЕП), како и еден четвртфинален.
– Ќе вложиме максимални напори да се одржи воведниот, како и преостанатите три натпревари – вели Локатели.
Италијанската влада даде „зелено светло“ за присуство на гледачи на натпреварите на ЕП 2020, но побара од техничкиот и од научниот комитет да подготват здравствени протоколи. Претседателот на Италијанската фудбалска асоцијација, Габриеле Гравина, посакува исполнетост на трибините на „Олимпико“ до 30 отсто од капацитетот, односно до 20.000 гледачи.