Според ефикасноста во врвното континентално натпреварување на УЕФА, германскиот голгетер е убедливо прв, со просек од речиси еден гол по меч, а води и на листата со голови во сите клупски натпреварувања на УЕФА (0,87 гола по натпревар). На првата листа од актуелните играчи најблиску до Милер се Кејн, Меси, Роналдо и Левандовски, а на втората Меси

ФУДБАЛ – ЛИСТА НА СТРЕЛЦИ

Кристијано Роналдо е најдобриот стрелец во историјата на најсилното европско фудбалско клупско натпреварување, Лигата на шампионите (ЛШ), порано со име Куп на европските шампиони (КЕШ), со 129 гола, но кога станува збор за просекот на погодоци по натпревар, на врвот на листата е некогашниот центарфор на Баерн, Герд Милер, речиси со по еден гол на секој натпревар (34 гола на 35 натпревари, или 0,97 гола на меч), пишува Европската фудбалска унија (УЕФА) на својата интернет-страница.

За една ваква листа, УЕФА ги зеде предвид само фудбалерите со барем 20 меча на најголемата европска клупска сцена. Од активните фудбалери, најблиску до Милер е напаѓачот на Тотенхем, Хари Кејн, кој е петти со 0,83 гола по меч (20 на 24 дуели), седми е Лионел Меси (114/141, просек 0,81, за Барселона), К. Роналдо е десетти (129/173, просек 0,75, Спортинг, Манчестер јунајтед, Реал Мадрид, Јувентус), Роберт Левандовски (64/86, просек 0,74, Борусија Д., Баерн)… Кејн, на пример, со два хет-трика (три гола на еден меч) на неговите два следни меча во ЛШ би избил на врвот на оваа голгетерска листа.
Во моментов, веднаш зад Милер е Хозе Алтафини, со просек од 0,86 гола по меч (24 гола на 28 дуела за Милан и за Јувентус), потоа следуваат Ференц Пушкаш (35/41, просек 0,85, Хонвед и Реал Мадрид), Алфредо ди Стефано (49/58, просек 0,84, Реал Мадрид), Кејн (20/24, просек 0,83, Тотенхем), Хозе Агуас (18/22, просек 0,82, Бенфика, Австрија Виена) итн. Сезонава напредок на оваа листа на УЕФА може да направат Роналдо, Меси, Левандовски и други чии клубови се во игра за што повисок пласман.

Милер е водечки и кога УЕФА ги смета сите клупски натпреварувања под капата на УЕФА (ЛШ или КЕШ, Лига Европа, порано Куп на УЕФА, Купот на куп-победниците, Суперкупот на УЕФА, Интертото-купот и некогашниот Интерконтинентален куп, сега клупско Светско првенство), со просек од 0,87 гола по меч (62/71). На делба на второто место на таа листа со просек по 0,86 се Стефан Гиварш (24/28, Оксер, Рен, Њукасл) и Пушкаш (37/43, Хонвед, Реал Мадрид). Од актуелните фудбалери, најблиску до Милер е Меси, кој е петти, со просек од 0,81 гол по средба.
Ако се сметаат само мечевите откако се игра овој формат на ЛШ од 1992 година, тогаш водечки е Кејн (просек 0,83), пред Меси (0,81), Руд ван Нистелрој (0,77), К. Роналдо (0,75), Роберт Левандовски (0,74) итн.
УЕФА ги посочи и фудбалерите со помалку од 20 меча во ЛШ и во КЕШ што не влегоа на оваа листа, како Жист Фонтен (Ремс, 10/8, просек од 1,25), Клаудио Сулсер (Грасхоперс, 11/10, просек 1,10) и Денис Виолет (Манчестер јунајтед, 13/12, просек 1,08).