Хари Мегваер го отвори резултатот против Шведска по корнер

Прекините се најсилното оружје на фудбалската репрезентација на Англија на Светското првенство (СП) во Русија, кое се покажа како пресудно и во триумфот над Шведска од 2-0 во четврт-финалето, во кое Хари Мегваер го отвори резултатот по изведен корнер во 30-та минута. Тоа беше осми гол постигнат по прекин (слободен удар, корнер или пенал) од вкупно 11 погодоци на „гордиот Албион“ на Мундијалот. Деле Али го постави конечниот резултат во 59-та минута.

Англискиот селектор Герет Саутгејт соработуваше со тренери од тимските спортови во САД во пресрет на Мундијалот, и употреби акции од кошаркарската НБА-лига и од НФЛ-лигата во американски фудбал при изведувањето на прекини на неговите избраници, пренесуваат медиумите од Островото.

Досетливата стратегија на Саутгејт им донесе успех на Англичаните

Неговата стратегија при изведување на корнерите и на слободните удари вклучува повеќе лажни движења на англиските фудбалери во противничкиот шеснаесетник, односно нивно постојано поместување, што даде резултат. 

Пред стапувањето на Саутгејт на селекторската функција, Англија беше без гол од прекин на големите натпреварувања (европски и светски првенства) уште од осминафиналето на СП во 2010 година.

Англија во полуфиналето ќе се соочи со подобрата селекција од вечерашниот дуел помеѓу домаќинот Русија и Хрватска (20 часот).