Противникот на Македонија во плејофот за пласман на ЕП 2020, Косово, импресионира
во Лигата на нациите, без пораз, со вкупна гол-разлика 15-2, а во тимот има фудбалери од Манчестер сити, Вердер, Цирих, Херенвен, Динамо, Шефилд…

Македонија ќе игра против Косово во полуфиналниот фудбалски натпревар во Лигата на нациите (ЛН) во март 2020 година на домашен терен. Победникот од овој дуел во финалето ќе игра против подобриот од мечот Грузија – Белорусија за место на завршниот турнир на Европското првенство (ЕП) во 2020 година. Тоа е расплетот во лигата Д, откако овие четири репрезентации ги освоија првите места во групите. Ако некоја од нив се пласира на ЕП 2020 преку квалификациите в година, тогаш ќе им го отстапи местото во плејофот на следните селекции според вкупниот пласман во лигата Д (Луксембург, Ерменија…).

За Македонија, Грузија и за Белорусија беше очекувано да бидат први во групите и да се пласираат во повисок ранг, но Косово е селекцијата што направи најголемо изненадување. Можеби немаше некои силни противници во Азербејџан, Малта и во Фарските Острови, но Косово импресионира со четирите победи и двете ремија, за вкупно 14 бода, пет повеќе од Азербејџан и со вкупна гол-разлика 15-2.

Успехот на Косово е уште позначаен ако се има предвид фактот дека членка на Светската фудбалска федерација (ФИФА) е од јуни 2016-та и оти ова е второ поголемо натпреварување на кое учествува. Претходно фудбалско Косово дебито на меѓународна сцена го имаше во квалификациите за Светското првенство (СП) годинава во Русија. Во групата со Хрватска, Финска, Исланд, Турција и со Украина, Косово не се прослави, претрпувајќи девет порази, со само едно реми, на гости во Финска (1-1) во првото коло, со вкупна гол-разлика 3-24.

Но некои поуки, искуства и лекции од тие натпревари беа научени што резултира со успешна кампања во првото издание во ЛН, пласман во повисок ранг, во лигата Ц, и шанса да се игра за место што води на ЕП 2020.

Селектор на Косово од март годинава е Швајцарецот Бернард Чаландес (67), кој го замени Алберт Буњаки. Чаландес е поранешен тренер на Јанг бојс, Сервет, Цирих (првак), Сион (победник на Куп)… и селектор на Ерменија и на млади репрезентации на Швајцарија.

Само двајца играчи на возраст над 26 години се дел од сегашниот состав на Косово, а седум фудбалери имаат под 21 година што покажува дека оваа селекција и покрај неискуството има голем потенцијал. Во селекцијата на Косово има неколку интернационалци, искусни и квалитетни фудбалери. Валон Бериша (25), играчот на средината на теренот, од летово е во италијанскиот Лацио, а претходно играше во Салцбург, но и за репрезентацијата на Норвешка. Крилниот напаѓач Бернард Бериша (27) настапува за рускиот Терек Грозни, Арбер Зенели (23), кој постигна хет-трик на последниот меч против Азербејџан (4-0) настапува за холандскиот Херенвен, центархалфот Амир Рахмани (27), еден од најискусните во репрезентацијата, му е соиграч на Аријан Адеми во загрепски Динамо.

Младиот голман, Аријанет Мурич (20) од 2015 година е во премиерлигашот Манчестер сити, актуелниот првак на Англија, како трета и втора опција на менаџерот Пеп Гвардиола. Неговиот поискусен колега и капитен, голманот Самир Ујкани (30) брани за турскиот Ризеспор, каде што настапува и напаѓачот Вадат Муриќи. Хекуран Круезиу (25), играчот во средниот ред, настапува за швајцарскиот Цирих, а бил дел и од младите селекции (до 18, 19, 20 и 21 година) на Швајцарија. Соиграч на Круезиу во Цирих му е Бенџамин Кололи (26), кој, исто така, е фудбалер во средниот ред.
Младиот 22-годишен Милот Рашица, офанзивниот играч во средниот ред, претходно настапуваше и за младите селекции (до 17, 19 и 21 година) на Албанија. Моментално Рашица е играч на бундеслигашот Вердер Бремен, а претходно настапувал и за холандскиот Витесе. Мергим Војвода (23) е играч на белгискиот Москрум, Аде Нухиу е во англискиот Шефилд венздеј…