Светскиот фудбал не памети вакви масовни прекини на натпревари, освен во периодот на двете светски војни

Потребно беше да се случи нешто навистина сериозно за да се стави спортот во мирување подолго време. Ретко кој памети нешто такво, фудбалот да биде речиси целосно сопрен, па оттаму интернет-страницата „Гол“ (goal.com) потсети на моментите кога фудбалот бил на удар на глобално ниво, во време на светските војни и сега.
Пандемијата на коронавирусот го запре фудбалот речиси низ целиот свет. Сѐ почна во Кина во декември 2019 година, потоа се прошири преку нејзините граници. Тоа доведе во одложување на голем број фудбалски натпревари на неодредено време.

Во Европа италијанската Серија А беше првата од петте најдобри лиги на континентот што ги одложи натпреварите, првиот на крајот од февруари. Италијанската влада тогаш наложи натпреварите во Серија А да се играат зад затворени врати, а потоа, на 9 март, нареди целосна суспензија на активностите поради влошувањето на ситуацијата.

Во Премиер-лигата, откако беше потврдено дека менаџерот на Арсенал Микел Артета е заразен, како и некои фудбалери, веднаш беше суспендиран професионалниот фудбал во Англија. Во Ла лига, во Лига 1 и во Бундес-лигата, исто така, се одложија натпреварите. Откако сите врвни лиги беа принудени да запрат, попушти и Европската фудбалска унија (УЕФА), која го одложи Европското првенство (ЕП) за 2021 година. Истото тоа се случи и со јужноамериканската Копа Америка.

Во минатото, кога изби Првата светска војна во 1914 година, фудбалот како спорт уште беше во фаза на формирање и оттаму организирањето натпревари беше значително отежнато. Националните лиги на Англија, Франција, Италија и на Германија и многу други биле суспендирани додека се воделе борбите (шпанската Ла лига е основана во 1929 година). Како и во Втората, така и во Првата светска војна многу фудбалери заминале на фронтот да се борат. Британските сили дури имале и „фудбалски баталјон“, предводен од поранешниот играч на Бирмингем сити, Франк Бакли. Во него биле вклучени играчи од повеќе клубови. Веднаш по завршувањето на таа војна, фудбалските лиги продолжиле во сезоната 1919/20.

Првата светска војна се памети и по приказната за божиќното примирје и за фудбалскиот натпревар помеѓу германски и британски војници. Во Ливерпул пред неколку години беше претставена статуата „Сега сите заедно“ во знак на одбележување на тоа божиќно примирје. Станува збор за две фигури направени од фиберглас, што се ракуваат, и го фаќаат моментот кога британските и германските војници престанале да се борат и играле фудбал на 25 декември 1914 година.

Избувнувањето на Втората светска војна значело дека малкумина размислувале за фудбал, бидејќи во многу земји целото внимание на народот било насочено кон „воените напори“. Во Англија, повеќето лиги на национално ниво во сезоната 1939/40 биле суспендирани до 1946 година. Многу фудбалери се пријавиле да се борат во војната. Но за разлика од националните лиги што биле во мирување, во тој период во Англија се играле фудбалски натпревари на регионално ниво. Натпреварувања познати како „Воена лига“ и „Воен куп“ ги замениле фудбалската лига и ФА-купот. Властите го објаснувале тоа како активности за рекреација и за зголемување на моралот. Војната влијаеше и на неодржувањето на две светски првенства (во 1942 и во 1946 година), натпреварување што тогаш беше во повој.