Доведени во прашање и натпреварите во Лигата на шампионите

Европската фудбалска унија (УЕФА) неделава би требало да одржи низа разговори и состаноци поради појавата на коронавирусот, што би можело да доведе до одложувања, па дури и до откажувања на продолжението од сезоната во Лигата на шампионите (ЛШ) или на Европското првенство (ЕП) 2020, шпекулираат британските медиуми.

Утре и задутре во Амстердам ќе се одржи конгресот на УЕФА, на кој ќе присуствува и првиот човек на УЕФА, Александер Чеферин, но нема никакви најави или планови за одложување на натпреварите во ЛШ или на ЕП.

Сепак, има индиции дека на конгресот на дневен ред би биле плејоф-дуелите за пласман на ЕП во кои треба да настапи и Македонија, против Косово на 26 март во Скопје.

Ваквиот развој на настаните доаѓа по бранот одложувања натпревари во Италија, каде што на 12 јуни треба да започне ЕП 2020. Минатиот викенд беа одложени пет натпревари во Серија А, вклучувајќи го и дербито Јувентус – Интер. Овие натпревари се презакажани за мај, а на клубовите им е посочено дека натпреварите би можеле да се играат и зад затворени врати.

Осминафиналниот реванш-натпревар од ЛШ, ПСЖ – Борусија Дортмунд, што треба да се игра на 11 март во Париз, е под прашалник откако францускиот министер за здравство, Оливие Веран, забрани собири на повеќе од 5.000 луѓе во затворен простор.