Новата сезона во кинеската Суперлига, која требаше да почне на 22 февруари, е одложена на неодредено време, како и мечот за кинескиот Суперкуп, закажан за денеска, меч од квалификациите за ЛШ се играше зад затворени врати, а раководството на ЛШ ги извести четирите кинески екипи дека првите мечеви ќе ги играат на гости

Додека кинеските власти и Светската здравствена организација (СЗО) се обидуваат да го спречат ширењето на коронавирусот, нормалниот живот, вклучувајќи го и спортот, е во исчекување. Појавата на смртоносниот коронавирус во градот Вухан, стави во карантин еден дел од Кина, а и остатокот од светот е во состојба на тревога. Вирусот главно ја погодува Кина, но има и мал број потврдени случаи во Јапонија, Сингапур, Тајланд, Јужна Кореја, САД, Непал, Канада, Австралија, Германија и во Франција.
Ограничувањата за патувања се во сила низ цела Кина, особено во најпогодениот регион, а кинеските власти им советуваат на луѓето да не патуваат во или надвор од Вухан, главниот град на провинцијата Хубеи, во централна Кина. Во Вухан живеат над 11 милиони луѓе, што го прави седми најнаселен град во Кина. Низ градот тече познатата река Јангце, а фудбалскиот клуб Вухан Зал се натпреварува во Суперлигата.

Коронавирусот влијаеше и на голем број фудбалски настани во Кина. Се менуваа градови и локации, имаше одложувања, па дури и откажувања на натпревари. Потврдено е дека мечот за кинескиот Суперкуп помеѓу Гвангжу Евергранде и Шангај Шенхуа, закажан за денеска, е одложен. Погодена е и Лигата на шампионите (ЛШ) на Азија, но плејоф-мечот Шангај СИПГ – Бурирам Јунајтед од Тајланд се одигра на 28 јануари, зад затворени врати. Азиската ЛШ ги извести четирите кинески екипи што се натпреваруваат, Пекинг, Шангај Шенхуа, Гвангжу Евергранде и Шангај СИПГ, дека првите натпревари ќе ги играат на гости.

Годинашната сезона во кинеската Суперлига, која требаше да почне на 22 февруари, исто така е одложена на неодредено време. Квалификациите за Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио годинава во фудбал за жени, и на кои учествуваат Кина, Австралија, Тајланд и Кинески Тајпеј, кои требаше да се играат во почетокот на февруари, наместо во Кина, ќе се одржат во Австралија. Ниту една фудбалерка од Вухан не се најде во составот на Кина, а другите што патуваа беа тестирани на коронавирусот и нивните наоди беа негативни. Но и покрај тоа, кинеската репрезентација е ставена во карантин во хотел во Бризбејн, до денеска.

Азиската фудбалска конфедерација (АФЦ) објави дека ќе се одложи и континенталното футсал првенство што требаше да се одржи во Туркменистан помеѓу 26 февруари и 8 март, поради загриженоста во врска со ширењето на вирусот.
Кинеските власти соопштија дека и други спортски настани закажани до април ќе бидат одложени на неодредено време. Кинеската кошаркарска асоцијација (КБА) потврди дека натпреварите во КБ-лигата од 1 февруари па натаму ќе бидат одложени. Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) го откажа боксерскиот квалификациски турнир што требаше да се одржи во Вухан, за една година е одложено и Светското првенство во атлетика во сала итн.