Во новиот документарен филм за неговиот живот и кариера, „Арсен Венгер: Непобедливиот“, кој почнува да се прикажува во кината во Велика Британија, тој вели: „Смислата на мојот живот беше фудбалот. Понекогаш се плашам од тоа. Има и други важни работи во животот, уметноста, на пример. Можеби само генијалците можат да бидат успешни во повеќе работи. Јас не бев гениј, затоа морав да ја посветам целата енергија на една работа“

ФУДБАЛ – АРСЕН ВЕНГЕР, ПОРАНЕШЕН МЕНАЏЕР НА АРСЕНАЛ

Поранешниот менаџер на Арсенал, Арсен Венгер (72), кој во фудбалот ги доживеа најдобрите, но и некои од најлошите моменти во животот, во интервјуто за весникот „Гардијан“ зборува за самоуништувањето, за посветеноста и за тоа што му одзела работата во животот. За 34 години тренирање фудбалски тимови, од кои 22 во омилениот Арсенал, тој беше опседнат од потребата да победува. Ништо друго не му беше важно.
– Натпреварувањето е нешто што полека ви го јаде животот и ве прави мало чудовиште. Да, таков станав. Целиот живот го поминав натпреварувајќи се на највисоко ниво. Тоа полека ве претвора во некој што е психолошки опседнат и еднодимензионален, некој што шутира сѐ пред себе ако не го добие мечот – вели тој во видеоразговорот од неговата канцеларија во седиштето на Светската фудбалска федерација во Цирих, каде што работи од 2019 година.

ДОКУМЕНТАРЕН ФИЛМ

Во документарниот филм за неговиот живот и кариера, „Арсен Венгер: Непобедливиот“, кој од денеска почнува да се прикажува во кината во Велика Британија, тој вели: „Смислата на мојот живот беше фудбалот. Понекогаш се плашам од тоа. Има и други важни работи во животот, уметноста, на пример. Можеби само генијалците можат да бидат успешни во повеќе работи. Јас не бев гениј, затоа морав да ја посветам целата енергија на една работа“.
Кога Венгер пристигна во Арсенал во 1996 година, неговото влијание беше речиси моментно. Тој ја освои титулата во Премиер-лигата и во ФА-купот во втората сезона, станувајќи првиот странец менаџер што освоил двојна круна, повторувајќи го тоа неколку години подоцна. Крунското достигнување беше во сезоната 2003/2004, кога Арсенал стана познат како „Непобедливиот“, освојувајќи ја титулата без ниту еден пораз. Дури и неговиот најголем ривал, поранешниот менаџер на Манчестер јунајтед, Алекс Фергусон, мораше да му оддаде признание коментирајќи: „Тоа постигнување е над сѐ друго“. Арсенал уште го држи рекордот за најдолга серија без пораз во историјата на лигата, со 49 меча. Две години пред таа сезона, Венгер најави дека мисли оти неговиот тим може да го стори тоа, за што беше исмејуван. „Ако не си поставите високи цели не можете да ги туркате луѓето да одат толку далеку“, објаснува тој.

ВЕНГЕРБОЛ

Покрај револуционерните концепти како што се здравата исхрана и непиењето пиво пред мечевите, Венгер го трансформира и стилот на игра на Арсенал, од претпазлива и безбедна во поекспресивна, импровизирачка напаѓачка игра, која на својот врв беше крстена „венгербол“. И внесе смиреност во соблекувалната. Една од клупските легенди, Иан Рајт, вели дека Венгер бил првиот менаџер со кого работел, а кој не „растурал“ на полувремето.
– Секогаш чувствував дека најважното е да се направи добра анализа за тоа што се случува во тие моменти. Методот со врескање на играчите е повеќе за да ги отстраните вашите фрустрации и не е многу ефикасен. Ако го правите тоа секоја недела, играчите се приспособуваат на однесувањето на менаџерот. Мислам дека е поважно да бидете љубезни, да владеете со ситуацијата и да дадете насоки за тоа што треба да се прави. Имам многу страстен карактер, кога ќе загубам, губам на опасен начин. Така научив да се контролирам, бидејќи кога сте надвор од контрола можете да направите грешки, кои потоа не можете да ги поправите – вели тој.

ТРИАГОЛНИК

Тоа создаде голема лојалност кај неговите играчи. Емануел Пети вели дека за него би се искачил и на Монт Еверест, без кислород. Други за Венгер зборуваа како за татко. Тој беше и пример, бидејќи се подготвуваше за натпреварите како самиот да игра и не излегуваше 48 часа пред натпреварите. Неговиот живот во Лондон се состоеше од „триаголникот“, од тренинг-центарот, преку стадионот до домот во северен Лондон.
– Верувам дека играчите треба да знаат оти ги сакате. Тие уште во почетокот мора да почувствуваат дека можете многу да барате од нив, но, исто така, мора да веруваат дека сакате да им помогнете – рече Венгер.
Најраните сеќавања на Венгер се од фудбалскиот терен и од селското бистро што го поседувале неговите родители и што било седиште на локалниот тим, чии играчи оттаму оделе на натпреварите. Гледањето на возрасните во барот и проучувањето на нивното однесување беа „одлично психолошко искуство за едно момче“ и ја разгореа неговата доживотна фасцинација со човечката психа. Венгер отсекогаш бил многу строг кон себе, за што заслугата му ја припишува на својот татко Алфонс, кој никогаш не би рекол: „Браво!“, туку само: „Можеш ти подобро“.
– Тоа беше стилот на образованието во тоа време. Денеска, кога ги едуцирате вашите деца, им давате поголем поттик за да имаат поквалитетен живот. Генерацијата по војната беше повеќе „работете напорно, не прашувајте“. На село, особено во село на фармери, имате долгорочен поглед на животот. Работете напорно, почекајте и можеби ќе бидете наградени. Тоа е животот на фармерот. Тоа ви дава трпение и инвестирање во долгорочна работа – вели тој.

Неговата професионална играчка кариера беше краткотрајна и мошне незабележителна, во неколку француски клубови, вклучувајќи го и Стразбур. До раните 30-ти, тој дипломира економија на Универзитетот во Стразбур и почна да го тренира младинскиот тим на Стразбур. Следуваа менаџерски ангажмани во Нанси и во Монако, пред краткиот период во Јапонија, во Нагоја. Првата половина од неговиот ангажман во Арсенал се карактеризира со успех, но втората беше попроблематична. Кога Арсенал се пресели на новиот стадион во 2006 година, клубот беше во долгови и со помалку ресурси за инвестирање во тимот. Арсенал девет години не освои ниту еден трофеј, а зачестија протестите „Венгер надвор“. Дали тие повици за негов отказ го вознемируваа?
– Не, јас сум мошне фокусиран на она што треба да го направам. Секогаш им велев на играчите дека оцената на луѓето зависи од нивните игри и оти тоа може да се промени. Во овој вид работа, процената на другите луѓе оди до екстреми, или е превисока или прениска. Вие сте генијалец или сте никој, а вистината е секогаш помеѓу – рече Венгер.


Грешка е да се биде подолго време во еден клуб

Во март 2018 година конечно му беше кажано дека е готово. Тој замина во мај како најуспешниот менаџер во историјата на клубот, со три титули во Премиер-лигата и седум ФА-купа. Тој смета дека идентификувањето со еден клуб долго време е грешка, а напуштањето на Арсенал го опишува како да присуствувал на својот погреб. Но неговото трајно чувство е радост, не жалост.
– Да, среќен сум и задоволен. Има денови кога сум помалку среќен, а некои денови кога сум повеќе среќен. Но ако среќата е да го живеете животот како што сакате, тогаш да, јас сум среќен – рече Венгер.