Менаџерот на „црвените“, Јирген Клоп, ја забележа 100-та победа во Премиер-лигата, на 159 натпревари. Тој е вториот со најбрзи 100 триумфи (а најбрзо меѓу менаџерите на Ливерпул), зад рекордерот Жозе Мурињо, кој до таа бројка стигна по 142 меча на клупата на Челси.

– Бројките не ме интересираат. Јас би сакал да имаме 300 поени, супер, но сезонава освоивме 43 поени. Момчињата се заслужни за победите. Потребно е да продолжиме да победуваме, тоа е важно, оти не ни е дозволено да ремизираме или да загубиме. Мораме да одиме на победа на секој меч, лани загубивме само еден натпревар и заостанавме само бод зад Сити – изјави Клоп.

Но овие рекорди на Мурињо и на Клоп се под сериозна закана од менаџерот на Манчестер сити, Пеп Гвардиола, кој на 129 меча веќе има забележано 97 победи. Трет на таа листа е Алекс Фергусон, легендарниот менаџер на Манчестер јунајтед, кој до 100-те триумфи дојде по 162 меча, па Арсен Венгер со Арсенал (179), Рафаел Бенитез со Ливерпул (181) итн.

Покрај Клоп, по мечот со Евертон, со бројката 100 може да се гордее и Садио Мане, кој на досегашните 174 меча во Премиер-лигата, за Саутемптон и за Ливерпул, постигна 74 гола, а имаше и 26 асистенции.
Ливерпул го доби 234-то Мерсијад-дерби победувајќи го локалниот ривал Евертон во голем стил со 5-2, по што и натаму е непоразен на лидерската позиција по 15 кола, со 14 победи и само едно реми и 43 бода! Ливерпул е во серија од 32 меча без пораз на „Енфилд“, 27 победи и пет ремија, најдолга во клупската историја (од јануари годинава), по онаа на Кени Далглиш, како менаџер, во периодот од мај 1987 до март 1988 година. Поуспешна домашна серија од Ливерпул имаат само Арсенал (49) и Челси (40).

Ливерпул долги 20 години (од септември 1999) и 18 првенствени натпревари (осум победи и 10 ремија) не е поразен на „Енфилд“ од Евертон. По овој пораз „сините“ од Ливерпул се најдоа во опасната зона (трети се одзади со 14 бода) и им се заканува испаѓање од најквалитетната лига, првпат по 1954 година. Клоп не е поразен на деветте меча против Евертон, првенствени и куп-средби, има шест победи и три ремија.