Eден Азар

Во Премиер-лигата Ливерпул гази сѐ пред себе и во 19-то коло го декласира Њукасл (4-0), по што се зацврсти на лидерската позиција со 51 бод (16 победи и три ремија). Бранителот на титулата Манчестер сити загуби од Лестер (1-2), што беше втор пораз за „граѓаните“ во последните три кола и сега заостанува седум бода зад „црвените“, на третата позиција. Втор е Тотенхем со 45 бода. Покрај ова, уште две работи го обележија последното коло од првиот дел во Премиер-лигата.

За Германецот Јирген Клоп, менаџерот на Ливерпул, триумфот над Њукасл беше 100-ти на клупата на „црвените“ на 181 натпревар во сите конкуренции. Со тоа Клоп ги надмина легендарните менаџери Бил Шенкли и Боб Пејсли, на кои им беа потребни 186, односно 183 меча за да стигнат до 100-те победи. Но Шенкли и Пејсли заедно освоија три титули првак на Европа и девет на Англија! Поуспешни од Клоп, Шенкли и од Пејсли во таа категорија се Рафаел Бенитез, кој до 100-те победи дојде по 174 натпревари, и сер Кени Далглиш, само по 159 натпревари.

За втората „стотка“ во 19-та рунда се погрижи Белгиецот Еден Азар (27), кој на мечот Челси – Вотфорд, 2-1, на 322-от меч во синиот дрес на клубот од Лондон, ги постигна 100 и 101-от гол. Азар е првиот фудбалер, по Дидие Дрогба, што дава 100 и повеќе голови за Челси, и трет кому тоа му поаѓа од нозе и глава во последните 30 години. Тој е 10-ти играч што постигнува над 100 погодока за Челси.

Азар дојде во Челси во 2012-та од француски Лил за 32 милиони фунти и во минатите шест сезони освои две шампионски титули, два Лига-купа, еден ФА-куп и еднаш триумфира во Лига Европа.

– Да се постигне 101 гол за овој прекрасен клуб е нешто што никогаш нема да го заборавам. Но сега навивачите, сите во клубот, па и соиграчите, ќе очекуваат уште повеќе. И јас посакувам да постигнам уште голови за Челси и да им се придружам на легендите како што се Франк Лампард, Џон Тери и Дидие Дрогба – изјави Азар.
Најдобар стрелец во историјата на Челси е Франк Лампард со 211 гола. Натаму следуваат Боби Тамблинг (202), Кери Диксон (193), Дидие Дрогба (164), Рој Бентли и Питер Озгуд (по 150), Џими Гривс (132), Џорџ Милс (125), Џорџ Хилсдон (108) и Азар (101).

Јирген Клоп