ФУДБАЛ – ПО ОТКАЗОТ ЗА ОЛЕ ГУНАР СОЛСКЈЕР

По петтиот пораз на Јунајтед на претходните седум меча (четири од пет во Премиер-лигата), челниците на клубот решиле да му дадат отказ на Солскјер, со кого во август потпишаа нов 3,5-годишен договор. Солскјер беше четвртиот постојан менаџер на Јунајтед, откако Фергусон се пензионира во 2013 година, и остана подолго од неговите претходници Мојс, Ван Гал и Мурињо
Оле Гунар Солскјер го напушта англискиот фудбалски премиерлигаш Манчестер по речиси три години како менаџер, период во кој не успеа да освои ниту еден трофеј. „Чашата на трпение“ кај челниците на Јунајтед се прели по уште еден пораз, од Вотфорд (1-4), петти на претходните седум натпревари (четири од пет во Премиер-лигата).
Првиот помошник на Солскјер и тренер на првиот тим, Мајкл Керик, ќе биде привремен менаџер додека Јунајтед не најде друго привремено решение до крајот на сезоната. „Со жалење ја донесовме оваа тешка одлука. Изминатите неколку недели беа разочарувачки, но тие не треба да ја прикријат целата работа што тој ја направи во изминатите три години. Оле заминува со наша најискрена благодарност за неуморните напори како менаџер и со најдобри желби за иднината. Неговото место во историјата на клубот секогаш ќе биде сигурно, не само поради неговата приказна како играч туку и како голем човек и менаџер што ни даде многу одлични моменти. Тој засекогаш ќе биде добредојден на ’Олд Трафорд‘ како дел од Манчестер“, се вели во соопштението на Јунајтед.
Јунајтед утре му гостува на Вилјареал во петтото коло на ЛШ, а потоа во првенствените натпревари игра со Челси и со Арсенал. Според некои англиски медиуми, на Норвежанецот му следува парична компензација. Солскјер (48) стана менаџер на Јунајтед во декември 2018 година, по четиригодишниот ангажман во Молде, Норвешка. Тој беше четвртиот постојан менаџер на Јунајтед откако Алекс Фергусон се пензионира во 2013 година и остана на функцијата подолго од поискусните претходници, Дејвид Мојс, Луј ван Гал и Жозе Мурињо, на чие место дојде. Неговиот досегашен ефект на 128-те меча во сите конкуренции е 91 победа, 37 ремија и 40 порази (54,2 отсто).