Челси го совлада Вилјареал на пенали, со 6-5, а Кепа Аризабалага, кој влезе во игра на местото на Едуар Менди, во 120. минута, одбрани два пенала, меѓу кои и решавачкиот удар во седмата серија на капитенот на Вилјареал, Раул Албиол

ФУДБАЛ – СУПЕРКУП

Челси го подигна суперкуп-трофејот на УЕФА, победувајќи го Вилјареал на пенали, со 6-5, откако по 120 минути немаше победник (1-1) на стадионот „Виндсор парк“ во Белфаст, пред 13.000 гледачи, што е најголема посетеност на кој било спортски настан во Северна Ирска од појавата на ковид-19.
За Челси ова е втор ваков трофеј, по оној во 1998-та, во петтиот суперкуп-меч. Челси е и 11-от тим што победил во ова натпреварување во повеќе наврати. Само три од 46-те финалиња на Суперкупот завршиле со изведување пенали, а Челси бил вклучен во сите три, во победата над Вилјареал и во поразите од Баерн Минхен во 2013-та и од Ливерпул во 2019 година. Трета година во низа, Суперкупот го освојува германски тренер/менаџер (Јирген Клоп во 2019 година, Ханси Флик во 2020 година и Томас Тухел во 2021 година).
Победникот во Лигата на шампионите (ЛШ) го освои Суперкупот по осми пат во последните девет сезони. Јунак на мечот беше резервниот голман на Челси, Кепа Аризабалага, кој влезе во игра на местото на Едуар Менди за да ги брани пеналите. Таквата одлука на менаџерот на Челси, Томас Тухел, се покажа како исправна, оти тој одбрани два пенала, меѓу кои беше и решавачкиот удар во седмата серија на капитенот на Вилјареал, Раул Албиол.

– Тоа не беше типична ситуација, но јас бев подготвен, физички и психички, бидејќи знаев дека може да се случи ова. Едуар и остатокот од тимот направија фантастична работа. Беше тежок меч против многу квалитетна екипа, но ние ги освоивме медалите – изјави Кепа за интернет-страницата на УЕФА.
Тухел никогаш не загубил натпревар против шпанска екипа во менаџерската кариера, победувајќи четири пати и ремизирајќи пет пати.
– Замената на голманите не беше спонтана. Бевме добро подготвени, имавме статистика и знаевме дека Кепа има најдобар процент на одбранети пенали. Момците, аналитичари и тренерите на голманите ми ги покажаа тие податоци, потоа разговаравме со играчите дека ова може да се случи кога играме нокаут-меч. Среќен сум што сѐ функционираше добро, среќен сум за Еди и за Кепа. А ова е и доказ дека Кепа е подобар во бранењето пенали – изјави Тухел по мечот, пишува „Скај спорт“.


Милан и Барселона со најмногу трофеи

Европските шампиони победиле во 26 од 46-те суперкуп-натпревари. Победниците во Купот на УЕФА/Лига Европа триумфирале во осум од 22 финалиња, откако Купот на победниците на куповите (КПК) беше прекинат во 1999 година. Најмногу победи во Суперкупот имаат Милан и Барселона, по пет, Реал Мадрид и Ливерпул имаат по четири итн.
Меѓу фудбалерите, најтрофејни се Дани Алвеш, со четири (со Севилја во 2006 и со Барселона 2009, 2011, 2015) и Паоло Малдини (со Милан во 1989, 1990, 1994, 2003 година). Кај тренерите по три победи, плус уште по една како играчи имаат забележано Карло Анчелоти (со Милан во 1990, 2003, 2007 и со Реал Мадрид во 2014 година) и Пеп Гвардиола (со Барселона во 1992, 2009, 2011, 2013-та).
Од земјите, најуспешна е Шпанија со 15 суперкуп-трофеи (Барселона 5, Реал Мадрид 4, Атлетико 3, Валенсија 2 и Севилја 1), а потоа следуваат, Италија со 9 (Милан 5, Јувентус 2, Лацио 1, Парма 1) и Англија исто така со 9 (Ливерпул 4, Челси 2, Астон Вила 1, Манчестер јунајтед 1, Нотингем форест 1).