Ста­ди­о­нот „Ал ра­јан“, ка­ко и ста­ди­о­нот „Ал бајт“ тре­ба да би­дат за­вр­ше­ни до кра­јот на го­ди­на­ва

Катарците го претставија најновиот стадион што е комплетиран за Светското првенство (СП) во фудбал 2022 преку виртуелна презентација, а им го посветија на службениците, кои се во првите редови во борбата против пандемијата на коронавирусот.

Стадионот со капацитет од 40.000 места, наречен „Дијамант во пустината“, е третиот што е комплетиран. Во следните две и пол години треба да се доизградат уште пет стадиони за СП. Стадионот „Ал рајан“, исто така, со капацитет од 40.000, како и стадионот „Ал бајт“ со 60.000 места, треба да бидат завршени до крајот на годинава.
Џани Инфантино, претседателот на ФИФА, со нетрпение го очекува времето кога натпреварите нема да се играат без гледачи.

– Не смееме да заборавиме дека здравјето е на прво место. Во некои делови на светот веќе е можно да се гледа напред, во подобри времиња. Во други, сѐ уште мора да бидеме исклучително внимателни, да останеме силни и обединети. Во меѓувреме, новиот стадион нѐ потсетува дека фудбалот ќе се врати со повеќе страст од кога било порано – изјави Инфантино.

По СП капацитетот на стадионот ќе се намали на 20.000 места, а вишокот седишта ќе се монтираат на стадиони во земјите во развој.
– Три стадиони се веќе готови, останаа уште пет. Ние сме на добар пат. Оваа е виртуелна презентација нешто што некогаш не сме помислувале дека ќе го направиме. Но кој помислуваше дека светот ќе се најде во ваква ситуација – изјави извршниот директор на СП 2022, Насер ал Катер.