Во првата партија, примирјето беше потпишано во 45-от, а во втората во 58-от потег. Mоментниот резултат е 1-1

ШАХ – ПО ПРВИТЕ ДВЕ ПАРТИИ ВО МЕЧОТ ЗА СВЕТСКИ ПРВАК

Актуелниот светски првак во шах, Норвежанецот Магнус Карлсен (2.882 рејтинг-поени, рангиран прв во светот) и рускиот предизвикувач, Јан Непомнијашчи (2.792, рангиран петти), ремизираа на првите две од предвидените 14 партии во мечот за титулата светски шампион, кој се игра во Дубаи, ОАЕ. Во првата партија, во која белите фигури ги имаше предизвикувачот, примирјето беше потпишано во 45-от, а во втората во 58-от потег. Моментниот резултат е 1-1. И во двете партии, почетниот потег на белиот церемонијално го одигра претседателот на Светската шаховска федерација (ФИДЕ), Русинот Аркади Дворкович. Третата партија се играше вчера, а „бел“ повторно беше Непомнијашчи.
Во првата партија некои замки на почетокот што беа во авантуристички стил на Карлсен, но и не многу прецизни во средишницата, како и некои пребрзи одговори на рускиот предизвикувач, на крајот резултираа со реми.

Во втората партија, пак, беше видено многу поборбено реми на таблата. Непомнијашчи постигна мала предност во отворањето, но Карлсен брзо го стави под сериозен притисок во средишницата, кога жртвуваше квалитет, но Русинот тоа го неутрализира со прецизна игра, иако имаше пион помалку.
По партијата, Магнус рече дека последната фаза не нудела реални шанси за победа, откако противникот се одлучил да го врати материјалот и да добие активна игра на неговите фигури. Се чини дека ниту еден од играчите не изгледаше особено задоволен од резултатот. Карлсен призна дека можел да одигра подобро некои потези, но ремито било реален исход.
Непомнијашчи, пак, даде свој коментар за предноста што ја имаше со првиот потег во првата партија.
– Тоа е сосема вообичаен резултат во денешно време, но, сепак, сакате повеќе кога сте со бели фигури – рече претендентот по првото реми.
Наградниот фонд за мечот за светската титула изнесува два милиони евра, победникот ќе добие 60 отсто, додека поразениот 40 отсто.