Кристијан Пулишиќ (22) стана првиот Американец што постигнал гол во полуфиналето на Лигата на шампионите и најефикасниот фудбалер од САД во престижното натпреварување, со погодокот за Челси во ремито против Реал 1-1 на гости, во вечерашниот полуфинален меч од ЛШ.

Талентираниот фудбалер познат под прекарот Капетан Америка се снајде одлично по соло акција во шеснаесетникот на Реал за да погоди во 14-та минута, додека Карим Бензема им донесе израмнување на „кралевите“ во 29-та минута.

Младиот Пулишиќ има вкупно пет гола во ЛШ во досегашниот тек од кариерата, еден повеќе од поранешниот американски репрезентативец Дaмаркус Бизли.

Томас Тухел и Кристијан Пулишиќ го слават погодокот во Мадрид

Пулишиќ на тој начин му возврати и на тренерот Томас Тухел за укажаната доверба. Вештиот крилен играч под водство на германскиот стратег го имаше и дебито во професионалниот фудбал, како 17-годишник во дресот на бундеслигашот Борусија Дортмунд.

Реваншот помеѓу Челси и Реал се игра следната среда, додека во утрешниот втор полуфинален дуел се среќаваат Пари Сен Жермен и Манчестер сити (од 21 часот).