Американскиот милијардер Шахид Кан, газдата на фудбалскиот премиерлигаш Фулам, ја повлече понудата за купување на стадионот „Вембли“ во Лондон. Како причина за тоа Кан ја наведе недоволната поддршка од Советот на Фудбалската асоцијација (ФА) на Англија составен од 127 члена, кои требаше на 24 октомври да гласаат за купопродажбата.

Кан беше подготвен да го купи стадионот, кој е со капацитет 90.000 места, за 600 милиони фунти, или околу 685 милиони евра. Според договорот, ФА ќе ги задржеше комерцијалните права на т.н. „клуб Вембли“ чија вредност се проценува на 285 до 340 милиони евра, а стадионот и понатаму остануваше „дом на националните тимови на Англија“.

– Во овој момент, по минатонеделната расправа во Советот на ФА, се чини дека нема дефинитивен договор за продажба на „Вембли“, што значи дека мојот предлог ќе има поддршка од мал дел во Советот – вели Кан.

Мартин Глен, извршниот директор на ФА, изјави дека околу продажбата на Вембли постои „поголема поделеност отколку што се очекуваше“.

Стадионот во моментов е во сопственост на ФА, а парите од продажбата требаше да се инвестираат во подобрувањето на фудбалските објекти за млади во Англија.