Канада ќе биде домаќин на Светското првенство (СП) во фудбал во 2026 година, но никогаш досега немала професионална фудбалска лига. Седум клуба од оваа голема земја се подготвуваат да се натпреваруваат во првата сезона на канадската Премиер-лига (КПЛ).

Во оваа земја најпопуларен спорт е хокејот на мраз, има седум професионални тима во хокеарската НХЛ, еден бејзбол-тим во МЛБ и една кошаркарска франшиза во НБА.

Таму тие се натпреваруваат со своите американски соседи, а Канада има и три тима во заедничката фудбалска лига, МЛС – Торонто, Ванкувер и Монтреал.
Но КПЛ е нешто сосема различно, објави „Би-би-си“. Идејата е тимовите да допрат длабоко во нивните локални заедници и да помогнат во развојот на домашните таленти кога СП ќе дојде во градот.

– Луѓето тука се гладни за фудбал. Сега тие имаат можност да навиваат за своите домашни тимови и да се вљубат во овој спорт во Канада – вели за „Би-би-си“ Џим Бренан, поранешниот канадски интернационалец.

Тој е менаџер и делумен сопственик на клубот Јорк 9, нов во северниот дел на Торонто, област со 1,3 милион жители, каде што пораснал. Неговата екипа ќе игра во првиот натпревар на лигата, против Форџ од Хамилтон, на 27 април.

– Ние сме дел од историјата. Градам тим од нула, нешто што никогаш всушност не се случува. Тоа е доста забавно, да изградиш нов клуб во сопствениот двор. Сакаме навивачите од регионот на Јорк да создадат култура, да ги привлечеме локалните навивачи и да го поддржат локалниот фудбал. Не сме загрижени за МЛС. Луѓето веќе почнуваат да гравитираат кон Јорк 9 и КПЛ – вели Бренан.

Канада е 78. на ранг-листата на ФИФА, а репрезентацијата досега на СП играла само еднаш, во 1986 година. Но женската репрезентација е петта на светската листа и се пласира во четврт-финалето на Мундијалот во Канада во 2015 година. Алфонсо Дејвис, пак, во јули лани од Ванкувер му пристапи на Баерн за 13 милиони фунти, тогаш рекорд на МЛС.

КПЛ ќе има традиционална структура со тимови што ќе играат едни со други дома и на гости, а невообичаено за спортот во Северна Америка нема да има плејоф.