Со подобрувањето на терените последниве години, како да се заборавија деновите на кал до колена зиме или прашина напролет и налето, иако тоа не беше многу одамна, а тие подобрувања доведоа и до промени во начинот на кој се игра врвниот фудбал

Кога ќе се помисли на фудбалски терен на елитно ниво, прво на ум паѓа зелената површина слична на килим, без оглед дали грее сонце или паѓа снег.
Со подобрувањето на терените последниве години, како да се заборавија деновите на кал до колена зиме или прашина напролет и налето, иако тоа не беше многу одамна. Подобрувањата на терените доведоа и до промени во начинот на кој се игра врвниот фудбал, објави Европската фудбалска унија (УЕФА) на својата интернет-страница.
– На денешните мечеви се игра многу побрзо отколку пред 30 години, делумно поради воведување на правилото за забрана на враќање на топката назад до голманите во 1992 година, но во најголем дел поради подобрувањето на терените. Како резултат на тоа, денешните играчи трчаат за 15 отсто повеќе од оние во 1960-тите – напиша поранешниот менаџер на Манчестер јунајтед, Алекс Фергусон, во својата книга „Водење“.

Потрагата по совршени терени е релативно нов феномен. Кога Бил Шенкли бил назначен за менаџер на Ливерпул во 1959 година, го прашал човекот за одржување на теренот на „Енфилд“ каде се инсталациите за наводнување, на што му било одговорено дека воопшто нема. Раните експерименти со синтетички површини се појавија во англискиот фудбал во 80-тите години од минатиот век. Квинс Парк Ренџерс и Лутон станаа првите клубови што беа домаќини на мечеви на пластични терени во една голема европска лига.

УЕФА во 2003 година го почна проектот за вештачка трева. Три години подоцна на стадионот „Лужники“ во Москва, во групната фаза во Лигата на шампионите, се одигра првиот дуел на синтетички терен, помеѓу Спартак и Спортинг. Една година подоцна Русија ја совлада Англија со 2-1 на истиот терен во квалификациите за ЕП 2008. Андора сите квалификации ги игра на таква подлога. На „Паркот на принцовите“ во Париз, теренот се состои од три отсто пластични полипропиленски влакна, што му дава дополнителна стабилност.

– Под површината има 180 мм, а над површината има 20 мм. Секое синтетичко влакно е на растојание од два сантиметра. Природните тревни корени растат околу овие синтетички влакна и го прават теренот подобар – вели Џонатан Калдервуд, менаџерот задолжен за одржување на теренот во Париз.
Клубовите продолжуваат со иновациите за одржување на терените и во инфраструктурата на стадионите. Теренот на новиот стадион на Тотенхем се состои од три одделни површини, кои може да се соберат под трибините за да се открие вештачката подлога за играње натпревари во американски фудбал. Потоа тие три површини повторно се враќаат на теренот без оштетувања.

Модерните терени влијаат и на тактиката и на начинот на кој се игра фудбалот. Тешко е да се замисли дека Пеп Гвардиола би бил успешен со тикитака-пристапот на тврдите и нерамни терени од минатото. Истото тоа важи и за високиот пресинг на Јирген Клоп со Ливерпул, комбинирано со уфрлањето на бековите по крилните позиции. 


Димензии на терен, височина на трева, наводнување…

Според прописите на УЕФА, терените може да бидат долги од 100 до 105 метри и широки од 64 до 68 метри. Воспоставени се и други прописи за да се одржи интегритетот на играта. Височината на тревата „не може, во принцип, да надминува 30 мм на секој дел од теренот“ на мечевите на УЕФА. Постојат и детални спецификации во врска со наводнувањето: „Теренот мора да се наводни рамномерно и не само во одредени делови. Наводнувањето мора да заврши 60 минути пред почетокот на мечот. Сепак, на домашниот клуб му е дозволено да го наводни теренот и по тоа време, под услов тоа да биде помеѓу 10 и пет минути пред почетокот и (или) за време на полувремето (најмногу пет минути).