По половина од мечевите во групната фаза вкупниот просек на голови по меч е поголем од рекордот откако се игра овој формат на ЛШ, поставен во минатата сезона. Во ЛЕ, пак, минатата недела имаше голгетерски рекорд за едно коло, а и во тоа натпреварување просекот голови засега сезонава е поголем од многу претходни цели сезони

ФУДБАЛ – ЕФИКАСНИ ТРИ КОЛА ВО ЛИГАТА НА ШАМПИОНИТЕ И ВО ЛИГА ЕВРОПА

Гостинските екипи се поефикасни од домашните тимови по половина одиграни мечеви од групната фаза сезонава во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ), вкупната ефикасност на тимовите досега е поголема од рекордната, таа за минатата сезона во елитното натпреварување, а поголема ефикасност е забележана и во Лига Европа (ЛЕ), во однос на повеќе претходни сезони.
Вкупната ефикасност досега сезонава во Лигата на шампионите е 3,25 гола по средба. Во минатата сезона, рекордна откако се игра овој формат на ЛШ (од 1992 година) и вкупно една од најефикасните во историјата на ова натпреварување, во просек беа постигнувани по 3,24 гола по натпревар, а 3,21 по средба во групната фаза. Од 156-те гола по три кола во новата сезона на ЛШ, 79 постигнаа гостинските фудбалери, а 77 играчите на домашните тимови. Просекот на гостински голови е 1,65 по натпревар, наспроти 1,51 на тие тимови во целата ланска сезона. Сезонава најефикасни надвор од дома се германските екипи Баерн и Борусија Менхенгладбах со по осум гола на по два меча, а англискиот Ливерпул и италијанскиот Јувентус постигнаа по шест.
– Има повеќе фактори што влијаат на ефикасноста. Високиот пресинг што го играат некои екипи доведува одбраните да грешат, но, исто така, некои екипи сакаат да играат од последната линија и тоа доведува до индивидуални грешки. Има и изразити голгетери, како Роберт Левандовски, Ерлинг Холанд…, кои се одлични реализатори и кои секоја, и најмала полушанса ја преточуваат во гол. Големиот број голови се одраз и на тоа што повеќе тимови имаат проблем во составувањето на тимовите поради коронавирусот – вели Горазд Михајлов, тренер на прволигашот Борец.

Вујадин Станојковиќ, поранешен фудбалер на Вардар и на Партизан и репрезентативец на СФР Југославија и на Македонија, сега координатор на младите селекции при Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), очекува да продолжи овој тренд на офанзивна игра.
– Мислам дека на сцена се враќа модифицирана варијанта на „тоталниот“ фудбал од 1970-тите години, напаѓачки и ефикасен. Играчите се физички одлично подготвени, тактичко-технички исто така, многу се брзи. Се игра висок пресинг, се напаѓа по крилата, одбраната почнува на противничката половина со намера што побрзо да се постигне гол. Не би рекол дека има толку голови поради играњето без публика, дека фудбалерите се поопуштени, па грешат повеќе. Го има и тоа, често грешките на одбранбените играчи им се изнудени, но од искуство знам дека кога ќе почне мечот, пред многу гледачи, па и пред празни трибини, повеќето играчи се „исклучуваат“ и размислуваат само на мечот, не и на тоа што се случува околу нив.

Оттаму очекувам овој тренд на офанзивна напаѓачка игра да продолжи, а со тоа да има и повеќе голови – вели Станoјковиќ.
Во Лига Европа, пак, во третото коло беше поставен рекорд за голови во едно коло во тоа натпреварување, 93, дури 12 повеќе од претходниот рекорд, поставен 10 години порано. По три кола сезонава се постигнати 231 погодок, или 3,21 по меч, што е најголем просек во однос на вкупниот просек во една цела сезона, од сезоната 1972/73. Г.М.;Л.Д.


ПРОСЕК НА ГОЛОВИ ПРЕТХОДНИВЕ НЕКОЛКУ СЕЗОНИ

СЕЗОНА ЛШ ЛЕ
2015/2016 2,78 2,61
2016/2017 3,04 2,76
2017/2018 3,21 2,71
2018/2019 2,93 2,76
2019/2020 3,24 2,78
2020/2021 3,25 3,21

просеците се за целата
сезона, а за сезоната 2020/2021 по три кола.
ЛШ – Лига на шампионите; ЛЕ – Лига Европа

ГОЛОВИ ВО ЛШ ПО ТРИ КОЛА СЕЗОНАВА
вкупно 156
гостински екипи 79
домашни екипи 77