Ако се истражува подлабоко, можеби има повеќе од еден човек зад оваа италијанска ренесанса. Знаците биле таму. Италија беше втора на претходните две ЕП за фудбалери до 17 години, двапати финалист до 19 години и полуфиналист и на СП до 20 години. Се случи голема промена во италијанскиот фудбал, нов бран тренери со свежи идеи. Манчини ги искористи овие идеи, нови и стари. Тоа беше очигледно во клучните моменти на ЕП 2020. „Разликата е во тренерот. Победивме поради Манчини“, вели еден истакнат италијански тренер за „Скај спорт“

ФУДБАЛ

Италија заслужено е европски фудбалски првак. По 34 натпревари без пораз, како може да не биде заслужено? Се заокружи големиот пресврт под водство на селекторот Роберто Манчини. Репрезентацијата што не се пласира на Светското првенство во 2018 година, понуди увид во својот талент и потоа го потврди со импресивен настап во финалето, пишува „Скај спорт“, кој разговараше со повеќе тренери од Италија.
Патем, имаше борба, ментална и физичка. Трипати Италија играше продолженија. Трипати победи. Во финалето, тимот на Манчини имаше негатива подолго отколку што беше на претходните 33 меча во оваа серија. Но останаа смирени. Тоа беше тактичко-технички триумф, што се гледа во нивниот посед на топката од 66 проценти.
– Разликата е во тренерот. Победивме поради Манчини – вели еден истакнат италијански тренер за „Скај спорт“.

НОВ БРАН ТРЕНЕРИ СО СВЕЖИ ИДЕИ

Логичен е заклучокот со оглед на тоа што Италија пропушти еден Мундијал првпат во својата историја пред само три години. Но ако се истражува подлабоко, можеби има повеќе од еден човек зад оваа италијанска ренесанса. Знаците биле таму. Италија беше втора на претходните две ЕП за фудбалери до 17 години и двапати финалист до 19 години, во 2016 и во 2018 година. Италија беше полуфиналист и на Светското првенство до 20 години, во 2017 и во 2019 година. Се случи голема промена во италијанскиот фудбал, нов бран тренери со свежи идеи. Ефектот на Манчини зборува за тоа – тој има освоено повеќе титули во најголемите лиги отколку другите 23 селектори на ЕП 2020, но тој работел на плодна почва.
– Промената веќе се случуваше во Италија. Тука е Роберто де Зерби, тука е Винченцо Италијано, тука е Фабио Ливерани. Сите прогресивни тренери – изјави поранешниот тренер на Пескара, Винченцо Мелидона за „Скај спорт“.
Манчини ги искористи овие идеи, нови и стари. Тоа беше очигледно во клучните моменти на овој турнир. Првиот гол на Италија против Швајцарија беше „дело“ на Сасуоло, влијанието на тимот на Де Зерби беше очигледно кога Доменико Берарди го проигра Мануел Локатели.
– Некои ситуации се толку како Сасуоло – вели Мелидона, во врска со играта со висок посед на тимот што остави толку голем печат во Серија А. -Како и Сасуоло, Италија на Манчини сака да ја гради играта од задниот дел и да ги користи сите на теренот – вели тој.
Третиот погодок на Италија на тој натпревар беше многу различен.
– Тоа беше типична ситуација на Аталанта. Освојување на топката многу брзо од Рафаел Толои и брзо додавање до Чиро Имобиле. Тоа е типичен принцип на Џанпјеро Гасперини, да ја врати топката со притисок – вели тој.

ЛИДЕРИ ВО ДЕФАНЗИВНАТА ИГРА, НО…

Откако ја надигра Белгија во возбудливото четврт-финале, Италија покажа дека нејзините традиционални квалитети не биле заборавени кога го завршуваше мечот. Тие им беа потребни уште повеќе во полуфиналето со Шпанија.
– Шпанија беше агресивна и немавме време во дефанзивната третина, па тоа беше првпат навистина да мораме да играме на стариот италијански начин – вели Мелидона, пренесува „Скај спорт“.
Џорџо Кјелини и Леонардо Бонучи ја обезбедуваа таа платформа. Вториот беше играч на мечот во финалето.
– Уште сме лидери во дефанзивната фаза. Покривање, маркирање, позиционирање на телото, држење врска со топката, противникот и со соиграчите, читање на ситуацијата. Она што го прави Манчини е да ја задржи оваа силна точка на Италија, компактна меѓу редовите, деловите од тимот, но и да игра многу европски – вели друг италијански тренер.
Лекциите од странство се научени со позитивна флексибилност што ретко се гледа во меѓународниот фудбал, бидејќи за таква софистицираност може да треба време. Леонардо Спинацола беше откритие во почетокот на турнирот, а неговото присуство му помогна на Лоренцо Инсиње да блесне, пишува „Скај“.
– Во почетокот се чини дека Италија играше во формација 4-3-3, но кога тие беа во посед се менуваше, затоа што има ротација на играчите. Станува 3-4-2-1 затоа што левиот бек се приклучува на линијата од средниот ред и Инсиње влегува внатре. Имобиле ја обезбедува длабочината. По само една година работа на Манчини со играчите се чинеше дека тимот тренирал заедно со месеци, но тој ги имаше само по една недела – вели Мелидона.
Ова подобрување е ехо на напредувањата надвор од теренот, како што забележа Алдо Коми, основач на платформа за анализа на податоци.
– Италијанските клубови почнуваат да ја чувствуваат големата итност да ги разберат технологијата и податоците. Фудбалот е тактичка игра во Италија, така што тие се заинтересирани за можноста за следење на растојанието помеѓу играчите, но, исто така, и за просторите помеѓу редовите во формацијата. Италијанските тренери веројатно ставаат поголем акцент на тактиката и формата од сите во светот – изјави Коми за „Скај спорт“.

КОВЕРЧАНО

„Коверчано“, италијанскиот тренинг-центар, кој постои од 1958 година, беше модернизиран и многумина велат дека за ова фудбалско заживување е заслужен тренерскиот центар на земјата. Таканаречената методологија ЦАРП обезбедува правци за италијанските тренери.
– Ц е за Construzione, „градење од голманот“. А е за Ampiezza, „ширина, принципот на користење на бековите високо“. Р е за Rifinitura, „просторот што го користиме помеѓу одбранбената линија на противникот и линијата на средниот ред“. П е за Profondita, „длабочината што ја обезбедува Имобиле за време на натпреварот“ – вели Мелидона.
Овие принципи остануваат без оглед на луѓето.
– Манчини е првиот тренер што му даде јасна идеја на тимот. Тоа е многу голема работа, затоа што има 26 играчи, но ако тој игра со Киеза или со Берарди, ништо не се менува. Имобиле или Белоти, ништо не се менува. Кјелини или Ачерби, ништо, Локатели го почна турнирот и играше добро, но кога Верати влезе, ништо не се смени – вели тој.
Сепак, не се сите убедени во важноста на „Коверчано“.
– На Италија не ѝ оди добро поради оваа методологија, тоа се многу едноставни концепти. Јас сум бил тренер во Англија. Ако му кажете дури и на тренер на основно ниво дека Италија го стори тоа затоа што тие го прават ова, тој ќе каже дека тоа го тренира секој ден. Истите идеи ќе ги најдете само со различни зборови за нив во Англија, Шпанија, Белгија или Германија. Тоа е само одредена терминологија. Овие идеи не се толку софистицирани. Секој добар тренер го знае ова. Разликата е како го користите тоа. Манчини ги избра вистинските играчи на вистинските позиции и ги натера да ги прават вистинските работи во вистинското време. Тренерот мора да ги знае најдобрите решенија. Манчини го стори тоа – вели друг италијански тренер со искуство дома и во странство, пишува „Скај спорт“.

КАКО АВТОМОБИЛ

Тоа е позната приказна, потрага по смислата како резултат на успехот. Победата на Франција во 1998 година беше објаснета во контекст на работата направена во центарот „Клерфонтен“, триумфите на Шпанија се дефинирани во смисла на генерацијата со талент создадена во Ла Масија. Успехот на Германија се гледаше како на поширока приказна за нивната сопствена тренерска револуција. Ренесансата на Италија ќе предизвика слични дискусии.
– Тоа е природно. Ако победиш, тоа е како автомобил и сите сакаат да влезат во него – заклучува Мелидона.
Никој во Италија веројатно нема да заборави дека беше човекот на возачкото место што ги водеше кон славата, пишува „Скај спорт“.