Од денеска ќе се играат мечевите од петтата и од шестата рунда, по кои ќе бидат познати селекциите што ќе играат за првата титула во Лигата на нациите, потоа ќе се дознаат сите учесници во плејофот за пласман на ЕП 2020, како и селекциите што ќе се пласираат во повисок ранг и тие што ќе испаднат во понизок

Во фудбалската Лига на нациите (ЛН) од денеска почнуваат натпреварите во претпоследната, петта рунда по групи во лигите А, Б, Ц и Д. По одигрувањето на петтото, потоа и на завршното шесто коло од недела, ќе биде познато кои репрезентации (вкупно 16) ќе се пласираат во плејофот, а од нив и кои четири ќе разигруваат за првата титула во ова натпреварување (лига А).
Првопласираните по групи ќе се пласираат во повисок ранг, а најслабите четири ќе испаднат во понизок ранг. Победниците на плејоф-дуелите во март 2020 година ќе се пласираат на Европското првенство (ЕП) во 2020 година.
Македонија, која е во најслабата, лига Д, утревечер (Вадуц, 20.45 часот) му гостува на Лихтенштајн. Победата што е извесна и се очекува, но треба да се потврди и на терен, за Македонија речиси ќе значи освојување на првото место што води во лига Ц, но и во плејофот, во март 2020 г., за место на ЕП 2020. Македонија по четирите кола има три победи и еден пораз и девет бода, по три повеќе од Гибралтар и од Ерменија. Лихтенштајн е последен, со три бода.

Грузија (група 1) веќе обезбеди настап во плејофот, а Луксембург и Белорусија (група 2) во вечерашната пресметка би требало да го дадат одговорот која од овие две селекции ќе го освои првото место. Косово и Азербејџан (група 3) решавачкиот меч го играат на 20 ноември во Приштина.

Во најквалитетната лига А, пред завршните натпревари, фаворити за настап на фајналфор-турнирот, во јуни 2019 година, се актуелниот светски првак Франција, која ќе ја освои првата позиција во групата 1 со триумф на гости утревечер над Холандија во Ротердам. Германија, која има само еден бод по трите меча, нема да игра во плејофот, но е и пред испаѓање во понизок ранг, во лига Б, ако Холандија ја победи Франција. Белгија (група 2) вечерва се среќава со Исланд, кој веќе е испаднат (во лига Б) и со победа речиси ќе обезбеди настап на фајналфорот. На Португалија (група 3) ѝ е потребен само еден бод од гостувањето во Италија в сабота, а Полска се сели во лига Б. Шпанија (група 4) има најголеми шанси за освојување на првото место, но не смее да загуби вечерва од Хрватска во Загреб, бидејќи во тој случај би профитирала Англија, за која победата над „коцкестите“ в недела на „Вембли“ ќе значи прво место.
Од лигата Б, Украинците први си обезбедија пласман во лига А, во следниот циклус.

БиХ и Русија, исто така, се први во своите групи и за промоција во повисок ранг им се потребни по еден бод во дуелите против Австрија, односно против Шведска.

Во лигата Ц засега ниту една репрезентација не обезбедила пласман во лига Б. Најмногу шанси за такво нешто имаат Израел, Шкотска (група 1), Финска (група 2), Норвешка и Бугарија (група 3). Најкомплицирана е ситуацијата во групата 4, во која три репрезентации, Србија, Црна Гора и Романија, имаат шанси за освојувањето на првото место. 


Кому што му треба во лига А?

Во групата 1 на Франција за пласман во плејофот на фудбалската Лига на нациите ѝ треба реми со Холандија, а на Холандија, пак, победи над Франција и над Германија, која нема шанси да го освои првото место во групата и со от. Во групата 2 на Белгија ѝ треба победа над Исланд и реми со Швајцарија, а на Швајцарија победа над Белгија со 1-0 или со два гола разлика, ако претходно Белгија го победила Исланд (ако не, тогаш на Швајцарија ќе ѝ биде доволна каква било победа над Белгија). Во групата 3 на Португалија за првото место ѝ е доволно реми со Италија, а на Италија победа над Португалија и потоа пораз на Португалија од Полска. Во групата 4 на Шпанија ѝ треба реми со Хрватска, на Англија победа над Хрватска, ако претходно Шпанија не ја победила Хрватска, а на Хрватска ѝ се потребни победи над Шпанија и над Англија за пласман во плејофот.