Фудбалската репрезентација на Италија го освои Европското првенство по подобро изведување на пенали од Англија со 3-2, откако резултатот беше 1-1 по 120 минути игра во финалето одиграно вечерва на „Вембли“.

Лук Шо го постигна најбрзиот гол во историјата на континенталните шампионати, совладувајќи го италијанскиот голман Џанлуиџи Донарума по една минута и 57 секунди игра за да и донесе предност на Англија. А Леонардо Бонучи израмни во 67-та минута, снаоѓајќи се најдобро во противничкиот шеснаесетник по изведен корнер на неговата селекција.

Последните три удари од белата точка за Англија ги промашија Маркус Рашфорд и Џејдон Санчо, кои влегоа во игра за да бидат изведувачи, како и Букајо Сака. За Италија непрецизни беа Андреа Белоти и Жоржињо. Сигурни реализатори на пеналите за Италија беа Доменико Берарди, Леонардо Бонучи и Федерико Бернардески, а на спротивната страна погодија Хари Кејн и Хари Мегваер.

За Италија ова е втор трофеј на ЕП по 1968 година, додека ова беше прво финале на континенталните шампионати за Англија.