Италија е првиот финалист на Европското првенство во фудбал, откако во неизвесната пенал-завршница, успеа да биде подобра од Шпанија со 4-2, откако мечот заврши 1-1 по 120 минути игра. „Аѕурите“ на Роберто Манчини сега го чекаат подобриот од мечот помеѓу Англија и Данска (утре 21 часот) во големото финале на „Вембли“.

Во меч во кој Шпанците ја имаа контролата на топката, но Италијанците беа поконкретни, се чекаше до 64-та минута за гол, кога Федерико Киеза постигна прекрасен погодок на „аѕурите“. Замената на Луис Енрике, Алваро Мората израмни на 1-1, но потоа беше и трагичар при изведувањето на пеналите, откако неговиот обид заврши во рацете на Џанлуиџи Донарума, за потоа Жоржињо да ги однесе Италијанците во финале.