По неделните мечеви од квалификациите за пласман на фудбалското Европско првенство (ЕП) во 2020 година, Италија и Шпанија најмногу се доближија до пласман на континенталното првенство.

Двете селекции имаат по шест победи на шесте меча досега. На ЕП 2020 ќе играат по две најдобри репрезентации од секоја од десетте групи. По шест кола Шпанија има осум бода повеќе од третопласираната селекција, а Италија има предност од девет бода, по што на Шпанија од четирите следни меча ѝ се потребни уште пет бода, а на Италија уште четири, за обезбедување на пласманот на ЕП 2020.

Покрај 20-те репрезентации што на ЕП ќе се пласираат преку квалификациите, на шампионатот в година ќе играат и четирите победници на плејофот во Лигата на нациите, по еден од секоја од четирите лиги, А, Б, Ц и Д. ЕП 2020 ќе се игра во 12 земји (полуфиналиња и финале на стадионот „Вембли“ во Лондон), како прослава на 60-годишнината од првото европско првенство.