Фудбалската репрезентација на Италија израмни рекорд според бројот на победи во еден циклус за европско првенство (ЕП). Најдолгата серија победи на европските шампионати, вклучувајќи ги и квалификациските средби, сега е 14 натпревари, откако Италија ја победи Австрија во осминафиналето на Европското првенство 2020.

Рекордот беше поставен од фудбалската репрезентација на Германија, која победи на сите десет квалификациски натпревари за пласман на Европското првенство во 2012 година, како и на првите три натпревари во групата и потоа и во четврт-финалето на турнирот што таа година се играше во Полска и во Украина.

Европската фудбалска унија (УЕФА) на својата интернет-страница ги објави и рекордите според најмногу победи во низа на континенталните првенства, а во таа категорија на делба на првото место со по пет победи се Франција (сите на ЕП 1984), Холандија (од ЕП 1988 до ЕП 1992) и Чешка (од ЕП 2000 до ЕП 2004).

Најмногу победи на еден турнир, пак, по пет, имаат Франција (на ЕП во 1984 година, од пет меча, потоа на ЕП 2000 од шест натпревари и на ЕП во 2016 година, од седум средби) и Шпанија (ЕП 2008, од седум натпревари).

 

ЕП 2020, ОСМИНАФИНАЛЕ
1. Велс – Данска 0-4
2. Италија – Австрија 2-1
3. Холандија – Чешка синоќа
4. Белгија – Португалија синоќа
5. Хрватска – Шпанија 18 ч.
6. Франција – Швајцарија 21 ч.
7. Англија – Германија утре, 18 ч.
8. Шведска – Украина утре, 21 ч.

ЧЕТВРТ-ФИНАЛЕ
Италија – Победник 4 петок
Победник 5 – Победник 6 петок
Победник 7 – Победник 8 сабота
Победник 3 – Данска сабота