Серија А објави дека договорила намалување на платите од 33 проценти за фудбалерите на 19 од 20-те клуба и за тренерскиот персонал во периодот на времетраењето на пандемијата на коронавирусот и суспензијата на лигата. Јувентус беше единствениот клуб што се воздржа од гласање за оваа мерка, откако претходно договори намалување на платите на своите фудбалери за сума еднаква на месечните плати во март, април, мај и во јуни. Лигата во изјавата рече дека намалувањето на платите на играчите и на тренерите е „неопходно за да се заштити иднината на целиот италијански фудбалски систем“.

– Интервенцијата предвидува намалување за една третина од вкупната годишна бруто-плата во случај да не може да се продолжи со спортската активност или намалување за една шестина доколку се одиграат преостанатите натпревари во сезоната 2019/2020 во наредните месеци – пишува во соопштението на Серија А и се додава дека желба на сите е натпреварите во сезоната 2019/2020 да продолжат откако ќе се утврди дека е безбедно да се стори тоа.

Здружението на фудбалери на Италија го отфрли предлогот на клубовите во Серија А за намалување за една третина доколку не продолжи сезоната. Од здружението велат дека однесувањето на лигата е „неразбирливо во ваков момент“ и соопштија дека создаваат фонд за солидарност за да им се помогне на фудбалерите во пониските лиги.