Претседателот на Европската клупска асоцијација (ЕКА), Италијанецот Андреа Ањели, вели дека приспособувањето на новиот меѓународен фудбалски календар што ќе почне во 2024 година е првото нешто што треба да го сторат европските клубови. Тој истакнува и оти клубовите би сакале сите конфедерациски турнири да се играат во исти термини, на секои четири години, за фудбалерите да имаат одмор во исто време.

– Мораме да размислуваме на играчите да им овозможиме четиринеделен одмор. Играчите се исклучителни, но не се машини. Фудбалерите се како автомобилите од Формула 1, ако ги користите премногу, ќе се расипат – рече Ањели.

ФИФА ги почна разговорите за новиот календар за континенталните првенства и за тоа кога клубовите мора да ги ослободат играчите за настапите на националниот тим. Ањели, исто така, вели дека би било идеално бројот на натпревари во сезона во клубовите да се ограничи на 43.

– Сакам да се осигурам дека сме добро слушнати кога ќе се подготвува следниот календар на интернационалните натпревари. Клубовите се тие што инвестираат во фудбалерите и ги преземаат ризиците – рече Ањели.