Фудбалерот на Реал Мадрид, Иско Аларкон, успешно е опериран по воспалението на слепото црево, објави европскиот шампион.

– Иско успешно е опериран поради воспалено слепо црево. Операцијата беше спроведена под надзор на медицинскиот тим на Реал и неговото закрепнување ќе продолжи да се следи – информира тимот од „Сантијаго Бернабеу“.

Тренерот на Реал, Хулен Лопетеги се надева на брзо враќање на играчот од средниот ред.

– Му посакуваме сė најдобро и брзо закрепнување – напиша Лопетеги.

Еден од најдобрите играчи на Реал ќе ги пропушти средбите со Севиља, мадридското дерби против Атлетико, како и репрезентативните настапи на Шпанија против Велс и Англија.