Во соопштението на Интернационалниот олимписки комитет се вели дека конфликтите со другите настани „ќе ги поткопаат разновидноста и развојот“ на другите спортови и оти повеќето натпреварувања за мажи ќе создадат „предизвици“ за фудбалот за жени. Предлозите за измени во календарот треба да се гласаат во декември од 211 земји-членки на ФИФА

Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) верува дека плановите на Светската фудбалска федерација (ФИФА) за одржување светско првенство (СП) во фудбал на секои две години претставуваат закана за другите спортови и за родовата еднаквост. ИОК вели дека ги поддржува заложбите за поширока консултација со претставници на спортистите, додавајќи дека тоа „очигледно не се случило“. Предлозите за измени во календарот треба да се гласаат во декември од 211 земји-членки на ФИФА.
Во соопштение на Интернационалниот олимписки комитет се вели дека конфликтите со другите настани „ќе ги поткопаат разновидноста и развојот“ на другите спортови и оти повеќето натпреварувања за мажи ќе создадат „предизвици“ за фудбалот за жени.
Претходно во октомври, во заедничката изјава на Европската фудбалска унија (УЕФА) и на 10 европски лиги за жени се вели дека плановите може да бидат „многу штетни“. Во септември лигите за мажи го потврдија своето противење на идејата на ФИФА, што би значело дека СП за жени би се одржувало истото лето како и машкиот турнир.
Од Интернационалниот олимписки комитет велат дека „споделуваат загриженост“ изразена и од други спортски тела, вклучувајќи и за благосостојбата на играчите, наведувајќи дека двојното зголемување на фреквенцијата на СП „ќе создаде дополнителен масивен притисок врз физичкото и врз менталното здравје на играчите“.
Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, кој, исто така, е член на Интернационалниот олимписки комитет има намера да го обиколи светот за да добие поддршка за планот, чиј иницијатор беше поранешниот менаџер на Арсенал, Арсен Венгер. Тој план наиде на жестоки критики од голем број континентални и национални федерации, групи на играчи, како и навивачи. „Престижот на настанот зависи од неговиот квалитет, а не од неговата фреквенција. Имате Супербоул секоја година, Вимблдон или Лига на шампионите секоја година, и сите се возбудени и со нетрпение ги очекуваат“, вели Инфантино.