Таквите промени би го принудиле Катар да ја подели организацијата на СП 2022 со другите земји во регионот

На Светското првенство (СП) во 2022-та во фудбал во Катар можно е да настапат 48 репрезентации, најавуваат од Светската фудбалска федерација (ФИФА).
Проширувањето на СП од 32 на 48 селекции може да се случи порано од 2026-та, од СП во САД, Мексико и Канада, уште на следното СП 2022, вели претседателот на ФИФА, Џани Инфантино.

Таквите промени би го принудиле Катар да ја подели организацијата на СП 2022 со другите земји во регионот, со кои нема баш добрососедски односи.

– Ако е можно тоа, зошто да не? Ние треба да видиме и да процениме дали е можно тоа, дали е изводливо и исплатливо. Ние разговараме со нашите пријатели од Катар, разговараме и со многу други наши пријатели во регионот и се надеваме дека може да се случи тоа. Ако не, ќе кажеме дека сме се обиделе, бидејќи секогаш сакаме работите да ги правиме на вистински, подобар начин – изјави Инфантино на отворањето на новото седиште на Фудбалската конфедерација на Азија во Куала Лумпур.

Инфантино ги потврди плановите за проширување на Светското клупско првенство, велејќи дека сака да создаде вистинско натпреварување во кое би сакал да учествува секој клуб во светот.

Минатата недела Инфантино рече дека ќе формира работна група, за да ги анализира импликациите за фудбалот на глобално ниво, откако беше принуден да ги стави во мирување плановите за инјектирање на над 20 милијарди евра преку двете нови натпреварувања, проширеното Светско клупско првенство и глобална Лига на нациите (ЛН).

Европската фудбалска унија (УЕФА) само лани заработи 2,8 милијарди, што е повеќе од половината од 4,8 милијарди евра на ФИФА во четиригодишниот циклус, 2015-2018. Претседателот на УЕФА, Александар Чеферин, наводно, се заканил дека ќе го напушти состанокот на Советот на ФИФА пред една недела доколку се усвои предлогот за новите натпреварувања.