Нашата визија е да го направиме фудбалот вистински глобален. Имаме можност да гледаме напред, да учиме од минатото и да ја дизајнираме иднината. Но ќе направиме промени само ако тоа им користи на сите. Никој не треба да биде губитник во ова, на сите треба да им биде подобро, инаку нема причина да се менува нешто, рече претседателот на ФИФА, Џани Инфантино

ФУДБАЛ

Светската фудбалска федерација (ФИФА) одржа онлајн состанок преку интернет со 204 национални федерации членки на ФИФА, за глобалниот фудбалски календар.
– Овој прв состанок беше важен чекор во процесот на консултации, бидејќи им овозможи на членовите на Советот на ФИФА и над 200 земји-членки да дадат предлози, да поставуваат прашања и да дебатираат за прашања на отворен и транспарентен начин. Сакаме да усвоиме холистички пристап со глобален пристап кон овој проект. ФИФА има еден настан што трае еден месец на секои четири години и помага да се развие фудбалот во 211 асоцијации членка и другите натпревари на ФИФА. ФИФА има амбиции за развој на фудбалот низ целиот свет, но тие може да се реализираат само ако имаме поуспешни настани што се случуваат на редовна основа. Новата ФИФА е отворена за овој тип дијалог, бидејќи ние се стремиме да го најдеме најдоброто можно решение за женскиот, машкиот и за младинскиот фудбал во иднина, како во однос на меѓународниот календар на натпревари, така и во реформите на завршните турнири. Имаме можност да ја обликуваме фудбалската историја, да гледаме напред, да учиме од минатото и да ја дизајнираме иднината, бидејќи нашата визија е да го направиме фудбалот вистински глобален. Но ќе направиме промени само ако тоа им користи на сите. Никој не треба да биде губитник во ова, на сите треба да им биде подобро, инаку нема причина да се менува нешто. Свесни сме за различните предизвици што ги носи ова – рече претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, пренесе ФИФА.
По состанокот, Светската фудбалска федерација соопшти дека сеопфатен извештај ќе биде објавен во ноември, со „глобален самит што ќе се одржи пред крајот на годината“.

Арсен Венгер, шефот на ФИФА за глобален фудбалски развој, ги изнесе своите предлози и во врска со меѓународниот календар на натпревари за мажи, истакнувајќи ја неговата желба да го направи фудбалот подобар.
– Предлогот следи четири главни принципи, прегрупирање на квалификациските натпревари за репрезентации, намалување на патувањата за играчите, создавање повеќе простор за значајни натпревари и завршни турнири и обезбедување задолжителен период за одмор за играчите, помеѓу сезони – рече Венгер.
Венгер, исто така, објави два предлога за иднината на младинските натпревари на ФИФА, со стандарден пристап за турнирите во машка и во женска конкуренција. Првата презентирана опција вклучува годишен турнир за фудбалери до 17 години за 48 селекции и турнир на секои две години за фудбалери до 20 години за 24 репрезентации, а втората опција го зема предвид распоредот на годишни турнири за играчи до 16 години и до 18 години за 48 селекции и двегодишен турнир за фудбалери до 20 години за 24 репрезентации, пишува ФИФА.