Планот за СП на секои две наместо на четири години е во оптек поради „спортски мотиви, не финансиски“. Тоа не е мој предлог или одлука. Јас морам да го олеснам дијалогот и да ги соберам сите заедно. Дебатата беше и веројатно ќе продолжи да биде вжештена. Како страстен љубител на фудбалот, сфаќам дека може да постојат различни мислења. Добивме некои легитимни критики, но и некои ентузијастички коментари. Важно е да се чуе сечие мислење. Уверен сум дека на 20 декември ќе можеме да претставиме заедничко решение, вели Инфантино

ФУДБАЛ

Заканата од бојкот од европските земји доколку Светското првенство (СП) се одржува на две години не се дискутираше на состанокот на Светската фудбалска федерација (ФИФА), изјави претседателот Џани Инфантино, пренесува „Би-би-си“. Наводно, повеќе од десетина земји-членки на Европската фудбалска унија (УЕФА) размислуваат да се повлечат од ФИФА доколку завршниот турнир се игра на секои две години. Инфантино се надева дека ќе се најде „заеднички консензус“ кога за тоа прашање повторно ќе се дискутира на глобалниот состанок во декември. Во вторникот, Инфантино во приватен конференциски повик разговарал со европските фудбалски лидери во врска со плановите за промени во календарот што беа критикувани од УЕФА. Советот на ФИФА, главното тело за одлучување, кое се состои од 37 избрани претставници, се состана во средата и ги разгледа плановите за новиот календар.
– Дебатата беше и веројатно ќе продолжи да биде вжештена. Како страстен љубител на фудбалот, сфаќам дека може да постојат различни мислења. Добивме некои легитимни критики, но и некои ентузијастички коментари. Важно е да се чуе сечие мислење. За бојкот не се дискутираше. Уверен сум дека на 20 декември ќе можеме да претставиме заедничко решение – рече Инфантино.
Тој вели дека не знае како ќе изгледа договорот и не потврди дали ќе се гласа на состанокот. Се чини дека е малку веројатно оти тогаш ќе се донесе одлука, а Инфантино сугерира дека предлозите се соочуваат со дебата пред да бидат договорени, ревидирани или отфрлени, пишува „Би-би-си“.

– За мене сѐ е отворено. Тоа не е мој предлог или одлука. Јас морам да го олеснам дијалогот и да ги соберам сите заедно. Планот да се одржуваат светски првенства (СП) за мажи и за жени на секои две наместо на четири години е во оптек поради „спортски мотиви, не финансиски – вели Инфантино.
Тој додава оти фудбалот мора „да го преиспита начинот на кој е глобално структуриран“ за да се осигури дека помладата публика нема да го загуби интересирањето.
– Станува збор да се осигуриме дека нашите деца и понатаму ќе се вљубуваат во фудбалската игра – вели Инфантино.
Студијата за оправданост и економската процена за финансиското влијание на овој потег се очекува да бидат доставени пред состанокот во декември.
– Верувам дека,е работејќи заедно, ќе дојдеме до нешто позитивно. Можеби тоа е фазиран процес, еден чекор напред, еден назад, или половина чекор или два чекора. Разбирам дека е тешко за луѓето да ги променат работите. Ние сме тука со добра намера, да работиме напорно и да се обидеме да направиме нешто добро за фудбалот – вели Инфантино, пренесе „Би-би-си“.
Турнирите во една земја, исто така, најверојатно ќе бидат „минато“.
– Знаеме дека можеме да донесеме радост и единство, да донесеме работни места во повеќе од една земја и не бараме една земја да банкротира – вели првиот човек на ФИФА.