Премиер-лигата, според повеќе извори, има цел од октомври на трибините да има 30-50 отсто гледачи од капацитетот на стадионите, со задолжителна физичка дистанца. Нејасно е и на колкав број гледачи ќе им биде дозволен влез на стадионите низ Европа

Целата фудбалска сезона 2020/2021 во Англија, па и во Европа, најверојатно ќе се игра на стадиони со намалени капацитети, кои дополнително би се намалувале доколку се покаже дека навивањето и скандирањето го зголемуваат ризикот од ширење на ковид-19, изјави висок советник на британската влада. Англиската Премиер-лига, според повеќе извори, има цел од октомври на трибините да има 30-50 отсто гледачи од капацитетот на стадионите, со задолжителна физичка дистанца.
Професорот Џејмс Калдер, кој претседаваше со работната група со владини и здравствени службеници за „враќање“ на спортот, за „Би-би-си“ изјави дека е тешко да се очекува стадионите да бидат полни годинава.
– Би бил изненаден доколку се случи такво нешто. Реално мислам дека за тоа ќе треба вакцина, како и висока стапка на позитивни наоди на вакцината пред повторно да ги видиме стадионите полни, сигурно не пред Божиќ, веројатно и во остатокот од сезоната – вели Калдер, кој има соработувано со најголемите спортови, со јавното здравство во Англија и со Одделот за дигитални технологии, култура, медиуми и спорт на различни протоколи со што се овозможи спортот да се врати.
Калдер ја пофали соработката со спортовите и рече дека тоа помогнало спортските настани да се рестартираат порано од очекувањата. Тој, исто така, откри дека се прават експерименти за да се процени дали ширењето на капките се зголемува со пеење и со скандирање и дали со тоа има поголем ризик од пренесување на коронавирусот.
– Треба да знаеме дали е важно, ако викате, колку далеку ќе се шират тие капки. На натпревар во фудбал или во рагби, гледачите викаат, скандираат и пеат и треба да бидеме сигурни дека луѓето пред нив се безбедни. Ако нема големо ширење на капките ќе биде добро бидејќи ќе можеме да ги задржиме во рамките на физичкото дистанцирање. Но ако тоа е проблем, тогаш треба да го преиспитаме дистанцирање на стадионите што ќе биде многу тешко – вели Калдер.
Нејасно е и на колкав број гледачи ќе им биде дозволен влез на стадионите низ Европа. Ла лига соопшти дека сака гледачи на трибините, но најверојатно тоа нема да се случи пред 2021 година. Бундес-лигата во моментов „води разговори“ за тоа, а холандската ФА потврди дека на мечевите во Ередивизие, стадионите ќе бидат исполнети 15-35 отсто од капацитетите. Француската влада најави дека во следната сезона ќе може да биде исполнета една третина од капацитетот на стадионот. 

Новата сезона од август 2020 до мај 2021 година

Фудбалската сезона 2019/2020 привршува и веќе се размислува како ќе се одвива следната, во состојба на многу ограничувања поради пандемијата на коронавирусот.
Англиската Премиер-лига и шпанската Ла лига треба почнат на 12 септември, а германската Бундес-лига една недела подоцна. Француската Лига 1, треба да почне најрано, на 22 август, еден ден пред финалето во Лигата на шампионите (ЛШ). Групната фаза од ЛШ следната сезона е одложена за еден месец и треба да почне на 20 октомври.
Европската сезона треба да заврши околу 23 мај 2021 година, што остава доволно простор за подготовки пред одложеното Европско првенство (ЕП) 2020, што треба да почне на 11 јуни 2021 година. Летниот преоден рок почна и ќе трае до 5 октомври.