Френки де Јонг

Челси на заем од Милан го доведе Гонзало Игуаин, а Барселона го купи, но со важност од јуни, младиот 21-годишен Френки де Јонг од Ајакс. Досега повеќето клубови мируваа и изостанаа скапите трансфери, но останува отворено прашањето дали најкрупните зделки ќе се случуваат во последниот ден, како што беше случај претходните години

Зимскиот јануарски фудбалски преоден рок влегува во завршна фаза (ќе потрае до четврток) и, иако досега повеќето клубови мируваа и изостанаа скапите трансфери, работите како полека да се менуваат. Останува отворено прашањето дали најкрупните зделки ќе се случуваат во последниот ден, како што беше случај претходните години. Лани, на пример, премиерлигашките клубови на тој ден за купување играчи потрошиле околу 180 милиони евра.
Меѓу најпознатите и најбогати европски клубови, зимава најактивен е премиерлигашот Челси. Прво го купи Американецот Кристијан Пулишиќ од Борусија Дортмунд (доаѓа во јули), а потоа ги пушти Шпанците Сеск Фабрегас во Монако и Алваро Мората во Атлетико. Круна на активностите е ангажирањето (на заем, со опција за купување) на Аргентинецот Гонзало Игуаин (31), напаѓачот на Милан што беше таму како позајмен играч од Јувентус.

На местото на Игуаин, кој не се покажа во најдобро издание есенва, Милан го донесе Полјакот Кшиштоф Пјатек од Џенова, еден од најефикасните сезонава во Серија А.
Барселона, исто така, се покажа на трансфер-пазарот зимава. Каталонците ја добија трката со Манчестер сити и со ПСЖ и успеаја да го наговорат младиот, екстра-талентиран Холанѓанец, Френки де Јонг (21), играчот од средниот ред на Ајакс, да стави потпис на петгодишниот договор вреден 75 милиони евра, плус 11 милиони во бонуси (со важност од јули). Де Јонг ќе биде 20-от холандски фудбалер што ќе го облече дресот на Барселона.

Барса, по малку изненадувачки, зимава го донесе и Кевин Принс Боатенг, Германец со потекло од Гана, од италијанскиот Сасусоло (на заем), како резервна опција за Лионел Меси и Луис Суарез во нападот.

Лани во јануари првпат вкупната сума пари за трансфери на фудбалери во петте најдобри европски лиги надминала една милијарда евра (1,067). Најмногу удел во тоа имале англиските премиерлигаши, кои потрошиле 544,5 милиони евра. Клубовите од преостанатите четири европски лиги лани беа поскромни во трошењето, односно нивниот вкупен удел беше речиси идентичен на оној на англиските (51-49 отсто). Шпанските клубови издвоиле 319, оние во Бундес-лигата 85, во Франција 66 и во Италија 51 милион евра. За споредба, во 2010 година во зимскиот преоден рок во петте најдобри европски лиги клубовите потрошиле 148 милиони евра.