Поранешниот шведски репрезентативец Златан Ибрахимовиќ (37) стана третиот активен фудбалер што во својата кариера постигнал 500 гола.

Во натпреварот од Американската фудбалска лига (МЛС) меѓу Лос Анџелес Галакси и Торонто, Ибрахимовиќ го постигна својот 500-ти погодок во кариерата, и тоа од свртување со надворешниот дел од стапалото. Тоа е негов 17-ти погодок во 22 одиграни меча во МЛС-лигата, откако на почетокот на сезоната стана член на тимот на Лос Анџелес галакси.

Освен Ибрахимовиќ, 500 и повеќе гола меѓу активните фудбалери имаат постигнато само Аргентинецот Леонел Меси и Португалецот Кристијано Роналдо.

Од своите 500 гола, Ибрахимовиќ постигнал 62 во 116 настапи за шведската репрезентација, а преостанатите ги постигнал на клупско ниво за Малме (18 гола), Ајакс (48), Јувентус (26), Интер (66), Барселона (22), Милан (56), ПСЖ (156), Манчестер јунајтед (29) и Лос Анџелес галакси (17).

За жал, неговиот гол не помогна Галакси да забележи победа во дуелот со актуелниот првак во МЛС, Торонто, кој на крајот славеше со 5-3.