Првото дерби Евертон – Ливерпул без публика се одигра без страста и бучавата од гледалиштето, само со извиците на оние што беа директно вклучени и, за сѐ да биде уште почудно, дербито се одигра со звуците на многу талентиран саксофонист, кој свиреше некаде во близината на стадионот „Гудисон“. Со ремито, Ливерпул се доближи на пет бода до 19-та титула

АНГЛИЈА – ФУДБАЛ

Дербито Мерсисајд обично се игра пред полни трибини со вообичаен звук од трибините, но првата фудбалска средба помеѓу Евертон и Ливерпул зад затворени врати, одиграна на стадионот „Гудисон“, беше придружена со звук на саксофон, пишува „Би-би-си“. Англиската Премиер-лига деновиве ја продолжи прекинатата сезона поради пандемијата на коронавирусот, а градското дерби заврши без победник, со резултат 0-0.

Оваа 202. меѓусебна средба на овие одлични ривали беше прва одиграна во вакви околности без страста и бучавата од гледалиштето, што е составен дел од овие натпревари. Дуелот Евертон – Ливерпул се одигра само со извиците на оние што беа директно вклучени, а вкупно помалку од 300 луѓе беа забележани на оваа позната стара арена. И, за сѐ да биде уште почудно, дербито се одигра со звуците на многу талентиран саксофонист, кој свиреше некаде во близината на стадионот „Гудисон“. Репертоарот на музичарот повремено се повторуваше, но секако го зголемуваше расположението на стадионот за време на дуелот.

Ова беше дерби во кое Евертон, извонредно организиран од менаџерот Карло Анчелоти, го фрустрира веројатно идниот шампион во Премиер-лигата, кој на крајот му беше благодарен на голманот Алисон Бекер и на стативите погодени од Доминик Калверт-Левин и од Том Дејвис, кои беа најблиску до ставање крај на 10-те години чекање на Евертон за победа во ова дерби.

Дербито беше најголемиот тест за тоа како ќе се одвива проектот „рестартирање“на Премиер-лигата без гледачи, каква разлика ќе донесе новото опкружување за толку емотивен дуел, толку често воден од интензитетот на оние што гледаат, пишува „Би-би-си“. Од другите работи поврзани со проектот „рестарт“ и играње во услови на пандемија, фудбалерите на Ливерпул, на пример, користеа преносна соблекувална, сместена на паркингот на стадионот, од каде што излегоа на теренот, а играчите на Евертон пристигнаа од вообичаениот тунел.

Со освоениот бод, Ливерпул се доближи на пет бода до освојување на титулата. На осум кола до крајот на сезоната Ливерпул има 23 бода повеќе од второпласираниот Манчестер сити, кој има и еден меч помалку (синоќа со Барнли).
Ливерпул игра за вкупно 19. титула, прва по пауза од 30 години. Ако Ливерпул и Манчестер сити победат во следните дуели (Ливерпул дома со Кристал палас в среда, а Сити со Барнли синоќа и со Челси в четврток), Ливерпул може да ја освои титулата со реми во директниот дуел на гости кај Манчестер сити, закажан за 2 јули.