Успехот и титулите во домашните првенства не значат ништо за тренерите од кои се бара само европска титула

Јувентус (не)очекувано беше елиминиран од Лигата на шампионите (ЛШ) од Лион во осминафиналето, по што веднаш беше разрешен тренерот Маурицио Сари, иако две недели порано ја освои титулата во домашната лига. Тоа беше потсетник дека за „суперклубовите“ во Европа успешноста ја одредува единствено ЛШ, пишува „Ројтерс“.
Јувентус ги освои последните девет титули во Серија А, доминира над ривалите како што се Милан и Интер, но тоа сега се смета како минимум. Истата сурова реалност важи и за Баерн, освојувачот на осум титули во низа во Бундес-лигата и за ПСЖ, шампионот на Франција на седум од последните осум кампањи. Титулите во француската лига не беа доволни за претходните менаџери Карло Анчелоти, Лорен Блан и Унаи Емери, а истото тоа се однесува и за сегашниот тренер, Германецот Томас Тухел.

Исходот од четврт-финалето, Барселона – Баерн, па и натаму, ќе биде клучно и за иднината на шефот на Барселона, Кике Сетиен. Тој во јануари го замени Ернесто Валверде, но елиминација во четврт-финалето и второто место во Ла лига, зад Реал, неизбежно ќе отвори сомнежи и прашања за тоа дали тој е вистинското долгорочно решение за каталонскиот клуб. Тренерот на Баерн, Ханси Флик, кој седна на клупата во ноември, по разрешувањето на Нико Ковач, направи многу за ова кратко време и веројатно ќе го преживее секое разочарување во ЛШ.
Во подруга, подобра ситуација е менаџерот на Манчестер сити, Пеп Гвардиола, но и од него се очекува да го освои трофејот, девет години откако вторпат го стори тоа со Барселона.

Во средината на „притисокот“ во Лисабон е Диего Симеоне од Атлетико, кој е тренер со педигре и пристап добро приспособен на таков формат. Симеоне двапати триумфира во Лига Европа (ЛЕ) и двапати стигна до финалето на ЛШ, и сезонава, по елиминацијата на минатогодишниот победник и шампионот во Премиер-лигата, Ливерпул, има големи апетити.