Ерлинг Браут Холанд

Норвешкиот тинејџер на мечот против Келн (5-1) влезе во игра во 65. минута и потоа погоди двапати, слично како и на дебито против Аугсбург (5-3), кога влезе во игра во 56. минута и постигна хет-трик. Холанд стана прв играч што постигнал пет гола на првите два натпревара во Бундес-лигата

Норвежанецот Ерлинг Браут Холанд (19) продолжува со спектакуларните настапи сезонава, откако постигна уште два гола за Борусија Дортмунд на мечот против Келн (5-1) и влезе во историјата на фудбалската Бундес-лига како прв играч што постигнал пет гола на првите два натпревара.

Норвешкиот тинејџер на мечот против Келн влезе во игра во 65. минута, за потоа да погоди двапати, слично како и на дебито против Аугсбург (5-3), кога влезе во игра во 56. минута и постигна три гола (хет-трик). Вкупно пет гола за 59 минути.

Холанд постигна 28 погодоци на 22 натпревари во првиот дел од сезонава за австрискиот Салцбург, од кои осум на шесте меча во Лигата на шампионите (ЛШ), пред да се пресели во Дортмунд, пред две недели. Неговите 33 гола за двата клуба во просек се по еден на секои 46 минути или еден на 12 минути за Борусија. Доколку продолжи со исто темпо и ги одигра сите натпревари до крајот на сезоната, тој би постигнал 117 гола.

Во Бундес-лигата сезонава само 23 фудбалери имаат постигнато повеќе голови од него. Ниту еден играч нема постигнато повеќе од два гола во Бундес-лигата сезонава влегувајќи од клупата за резервисти како Холанд.

– Едноставно, прекрасно е, пет гола на два натпревара, имало и полоши стартови – се пошегува капитенот на Борусија, Марко Ројс.
Покрај Холанд, во Борусија има уште еден рекордер. Тоа е крилниот напаѓач, младиот британски интернационалец Џејдон Санчо, кој на возраст од 19 години и 305 дена стана најмладиот играч што постигнал 24 гола во Бундес-лигата.