Меѓу првите 10 на листата со 25 клуба се Манчестер сити, ПСЖ, Манчестер јунајтед, Барселона, Милан, Челси, Јувентус, Арсенал, Реал и Интер

На истекот од втората деценија од 21 век во многу области се прават најразлични анкети за направеното, за постигнатите резултати и за многу други работи. Во фудбалот, меѓу многуте сумирања, како што се освоените трофеи, пред сѐ, во британски медиуми беше објавена и листа на клубови што потрошиле најмногу на трансфери во минатите десет години.

На врвот се Манчестер сити и ПСЖ, но има неколку клуба што, и покрај големите вложувања, немаат резултати ни приближни на очекувањата. Еден од таквите случаи е италијански Милан, кој е на петтата позиција според потрошените пари. Но најголемо изненадување веројатно е податокот дека англискиот Стоук е на 22-та позиција, а моментно е во зоната за испаѓање од дивизијата Чемпионшип.
Сити во минатата декада на трансфери на фудбалери „свртел“ 1,62 милијарда евра, бруто, односно 1,3 милијарда евра нето. Најмногу пари „граѓаните“, кои уште се без титула во Лигата на шампионите (ЛШ), вложиле за Родри (73,4 милиони), Ријад Марез (70), Емерик Лапорт (66,6), Кевин де Брујне (64,3) и за Бенжамин Менди (54,2 милиони евра). ПСЖ за 10 години издвоил 1,37 милион евра бруто, односно близу една милијарда евра (989,69 милиони) нето. Најголемиот дел од парите се потрошени на два трансфера, на Нејмар (222) и на Килијан Мбапе (192,8 милиони евра).

На третата позиција на оваа листа е Манчестер јунајтед, со нето-трошоци од една милијарда евра, од тоа најмногу за Пол Погба (110 милиони), Хари Мекгваер (91,5) и за Ромелу Лукаку (89 милиони евра). Барселона од 2010 година, во период во кој освои две титули првак на Европа и седум трофеи за првак на Шпанија, за трансфери потроши 1,44 милијарда евра бруто, најмногу за Фелипе Кутињо (140), Антоан Гризман (135) Осман Дембеле (105) и за Нејмар (103,5).

Милан, и покрај 510-те милиони евра нето, не постигна позабележителни резултати, откако беше на осмото, 10-то, седмото, двапати шестото и петтото место претходниве шест сезони во Серија А. На шестата позиција на оваа листа е Челси, со 1,4 милијарда евра бруто, но само од продадени играчи заработи 934 милиони евра. „Сините“ од Лондон платија рекордни 84 милиони евра за голман, за Кепа Аризабалага, но го продадоа Еден Азар за 100 милиони.

Следен е Јувентус со 1,37 милијарда евра (490 милиони нето). Најмногу пари „старата дама“ даде за Кристијано Роналдо (100 милиони), Гонзало Игуаин (95) и за Матијас де Лихт (87 милиони евра). Осми на листата е Арсенал (482,5 милиони евра нето), без позабележителни успеси. Најмногу пари „топчиите“ дадоа за Николас Пепе (84 милиони), Пјер-Емерик Обамејанг (66,6) и за Александре Лаказет (55 милиони евра).

На деветтото место е Реал, со 464 милиони нето, најмногу за Герет Бејл (101 милион), Еден Азар (100) и за Кристијано Роналдо (96 милиони евра). Интер е 10-ти, со 390 милиони евра за купување играчи. Летово издвоија 86,5 милиони за Лукаку, што е клупски рекорд. Во минатата декада Интер беше првак на Европа, на Италија и освојувач на италијанскиот куп.