За фудбалската репрезентација на Данска, која загуби со 0-3 на гостувањето кај Словачка, во тест-натпревар, во средата, играа продавач, студент и интернет-ѕвезда во т.н. фристајл-фудбал, со десетици илјади следбеници на Инстаграм и на Јутјуб, како и неколку играчи на футсал. Ваков аматерски состав Данска изведе поради недоразбирањата на Фудбалската федерација на таа земја со фудбалските професионалци за маркетиншките права.

Данска в недела треба да игра дома со Велс, во 1. коло на Лигата на нации, и неизвесно е со каков состав ќе настапи осминафиналистот од Светското првенство во Русија годинава.

Повремениот продавач Кристијан Офенберг, инаку фудбалер-аматер од третата лига на Данска, беше првиот напаѓач, десниот бек, студентот Симон Волесан игра во петтата лига, а Расмус Јохансон, плејмејкерот од Третата лига на Данска, е фристајл-фудбалерот. За Словачка, пак, играа и Мартин Шкртел, Марек Хамшик… Фудбалерите на Данска упатија само еден удар кон голот, а топката ја имаа во 27 отсто од мечот. Професионалниот голман во футсал, Кристофер Хаг одбрани седум од 10-те шута во неговиот гол.