Бразил е новиот првак на Јужна Америка, првпат по пауза од 12 години, деветти пат во историјата, откако во финалето на 46-то издание на Копа Америка, на стадионот „Маракана“ во Рио де Жанеиро го совлада Перу со 3-1. Бразилците имаат 100-процентен ефект кога се домаќини, освојувајќи ја петтата титула на исто толку изданија.

Габриел Жезус (22) беше во центарот на вниманието на финалниот меч. Тој го постигна вториот гол во 45. минута, асистираше при постигнување на првиот гол во 15 минута, а во 70. минута беше исклучен поради два жолти картона. Потоа револтиран го шутна шишето со вода покрај теренот, а при излегувањето го турна и ВАР-мониторот.

– Сакам да се извинам. Требаше да го избегнам сето тоа, морам да созреам и да извлечам поуки од ова – изјави Жезус, за кого ова е прв црвен картон во дресот на Бразил, втор во кариерата.

Фудбалерите на Ливерпул, голманот Алисон Бекер и напаѓачот Роберто Фирмино, се закитија со уште една титула сезонава, по онаа во Лигата на шампионите (ЛШ). Бекот на Бразилците, Дани Алвес, е најдобар играч на турнирот, крилото Евертон Соуза ја доби наградата за најдобар млад фудбалер и ја подели „златната копачка“ за трите гола со Паоло Гереро од Перу. Бекер ја доби наградата „златна ракавица“ примајќи само еден гол на целиот турнир, во финалето, од пенал.

Следното издание на Копа Америка ќе биде во 2020 година, а кодомаќини ќе бидат Аргентина и Колумбија. Намерата е Копа да се игра во иста година како и европските првенства, две години пред и по мундијалите.

Мексико ги совлада САД во финалето на првенството на Северна Америка, со 1-0, и 11-ти пат е победник во ова натпреварување. На стадионот „Солџер филд“ во Чикаго имаше 62.493 гледачи, од кои, како што објавија американските медиуми, 85 отсто биле навивачи на Мексико.