Нема да се прават никакви отстапки за фудбалерите кои до 26 март треба да пристигнат во Македонија од Италија за фудбалскиот натпревар со Косово. И во двете репрезентации, македонската и косовската, има фудбалери кои настапуваат во италијанските првенства, таму живеат и треба да дојдат за натпреварот во Скопје.

Министерот за здравство, Венко Филипче, рече дека доколку по зајакнувањето на безбедносните мерки во Италија нема промени во однос на патувањата, за нив во нашата земја ќе важат истите правила за заштита од коронавирус кои важат и сега.

– Ќе ги чекаме денешните препораки од италијанските здравствени власти, да видиме какви заострени мерки воведуваат во споредба со овие досега. Имавме прашања од повеќе институции коишто очекуваат гости, странци за повеќе поводи и настани. За сите ќе важи истиот алгоритам и став доколку ситуацијата е како што е сега. Ќе мора да поминат на сите скрининзи на аеродромите или на сувоземните премини, да се следат алгоритмите, да се направат интервју и после тоа да се постапи согласно тие препораки. Нема отстапување од тоа што е препорачано од Комисијата за зарани болести од Комитетот којшто ги следи овие состојби за било кој човек којшто доаѓа од било каде – рече министерот Филипче.

За нашата репрезентација од Италија треба да пристигнат Горан Пандев, Илија Несторовски и Елиф Елмаз.