Облак и Левандовски се најголемите ѕвезди на Словенија, односно на Полска

Да, Полска е фаворит, но ве уверувам дека ниту еден меч нема да биде лесен, а нашиот квалитет треба да го покажеме на теренот, вели легендарниот Боњек, претседател на Фудбалската федерација на Полска, а селекторот на Австрија, Фода вели: „Добивме интересна и израмнета група. На ова ниво нема повеќе лесни мечеви“

„Полска имаше среќа во ждрепката“ беше насловот во водечкиот дневен полски спортски весник „Спортски преглед“ по ждрепката за квалификациската група Г во која се Полска, Македонија, Австрија, Израел, Словенија и Летонија, за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2020 година.
„Ждрепката беше љубезна кон Полска, која ги избегна најтешките противници, тоа беше една од најдобрите ждрепки последниве години, патот кон завршницата на ЕП е отворен, ќе нема простор за какви било оправдувања во случај на неуспех. Од друга страна, пак, треба да се признае и дека противниците на Полска се задоволни од ждрепката, претпоставуваат дека можат да се надигруваат и дека сме ранливи“, се вели, меѓу другото, во извештајот од Даблин по ждрепката.

Во весникот се истакнува дека Полска имала среќа поткрепувајќи го тоа и со фактот оти ниту една од репрезентациите против кои ќе игра во квалификациите не беше дел од завршниот турнир на СП летово во Русија. Но треба да се каже дека и Полска не се прослави во Русија, одигра под очекувањата и беше елиминирана уште по првата фаза. Задоволство од исходот на ждрепката не се крие, но, исто така, се истакнува дека пласманот на ЕП 2020 не смее да се земе здраво за готово и оти се потребни максимална концентрација и ангажирање.

– Да, Полска е фаворит, но ве уверувам дека ниту еден меч нема да биде лесен. Затоа нема потреба уште отсега да ги покажуваме мускулите во медиумите и да се сметаме за победници, дека сме веќе во завршницата. Нашиот квалитет треба да го покажеме на теренот – изјави за водечкиот полски весник „Газета Виборча“, легендарниот Збигњев Боњек, претседател на Фудбалската федерација на Полска.

И Словенците се презадоволни од ждрепката и од ривалите во групата, која, според нив, е без изразити фаворити, но и без изразити аутсајдери. Во медиумите се вели дека жрепката им била наклонета, а има и наслови од типот „Кек (Матјаж, селекторот – н.з.) го бакна среќата“. Во експресно спроведените анкети, мнозинството испитаници велат дека ќе биде голем неуспех ако Словенија не се најде на ЕП 2020.
На селекторската клупа на Израел е Андреас Херцог (50), кој е роден во Виена и кој своевремено настапуваше за Австрија (од 1988 до 2003-та). Херцог вели дека е „задоволен од ждрепката и дека селекција што ја предводи не е без шанси во една таква конкуренција“.

Австриските медиуми се генерално задоволни од ждрепката, како и тоа дека освен Полска, другите селекции не се противници од кои треба да стравуваат, јавува нашиот известувач од Виена. Во анализата на дневниот весник „Куриер“ се споменуваат Горан Пандев како најпознат македонски фудбалер, а и голманот Столе Димитриевски, како чувар на мрежата на шпанскиот Рајо Валјекано. Селекторот Франко Фода е претпазлив и вели: „Добивме интересна и израмнета група. На ова ниво нема повеќе лесни мечеви. Ќе направиме сѐ за да се пласираме на ЕП“.

– Овие квалификации се голем предизвик за нас, не знам како да ја оквалификувам групата, како тешка или лесна, но мислам дека имавме среќа. Нема премногу ѕвезди во селекциите што ни се противници, нашите фудбалери ќе немаат многу дилеми со кого да го заменат дресот по мечот. Ги поканувам навивачите да дојдат во што поголем број, да ги бодрат фудбалерите и да бидат горди на репрезентацијата – коментираше на Фејсбук претседателот на Фудбалската федерација на Летонија, Каспарс Горкш.

Летонците побараа, а УЕФА им дозволи, првите два меча (со Македонија на 21-ви и Полска на 24 март 2019-та), поради можните лоши временски услови, да ги играат на гости. Тоа значи дека следните два меча дома, во Рига, ќе ги играат на 7 јуни против Израел, односно на 10-ти против Словенија. Л.Д.; М.П.