Тешко е да се избира кој е најдобар меѓу многуте квалитетни и успешни играчи годинава, но ако мерило се освоените титули, тогаш „топката“ треба да ја добие Жоржињо, вели Милевски, а Мацков и Стратев својот глас го даваат за Левандовски

Одложените завршници на Европското првенство (ЕП) 2020, на Копа Америка, претходно во Лигата на шампионите (ЛШ) и во националните шампионати, пред сѐ, во петте најсилни европски лиги, на површина исфрлија неколкумина фудбалери, кандидати за признанието „златна топка“ на францускиот магазин „Франс фудбал“ за најдобар фудбалер во сезоната 2020/2021. Лицитацијата тукушто почна, а во потесниот круг на кандидати се наградата се најдоа Аргентинецот Лионел Меси, Италијанците Жоржињо, Џанлуџи Донарума и Џоџо Кјелини, Полјакот Роберт Левандовски и други.
– Тешко е да се избира кој е најдобар меѓу многуте квалитетни и успешни играчи годинава. Но ако мерило се освоените титули, тогаш „топката“ треба да ја добие Жоржињо. Тој со Италија и со Челси беше европски првак, на репрезентативен и на клупски план, такво нешто ретко се постигнува – вели македонскиот селектор Благоја Милевски.
Меси, шесткратниот добитник на „златата топка“, на Копа Америка го освои првиот голем сениорски трофеј со Аргентина. Донарума и Кјелини беа клучни за триумфот на Италија на ЕП 2020. Единствен што се спомнува во ова друштво, а кој немаше позабележителен ефект со Полска е Левандовски, поради одличната сезона во Баерн, каде што собори голгетерски рекорд и ја освои „златната копачка“ на Европа.
– Секоја чест за Меси, за цела италијанска репрезентација, но Левандовски е тој што ја обележи сезонава. Да се постигне 41 гол во Бундес-лигата и да се собори рекордот на Герд Милер од пред 49 години е за секоја почит. Тој е „златната копачка“ сезонава, а треба да ја добие и „златната топка“ – е заедничкиот избор на тренерите Алексо Мацков и Зоран Стратев.