Јапонија се пласира во осминафиналето на фудбалското Светско првенство во Русија, благодарение на фер плејот. Во групата Х, репрезентациите на Јапонија и на Сенегал беа израмнети според сите критериуми и имаа ист број бодови, по четири, потоа идентична гол-разлика, 4-4, и реми, 2-2, во нивниот меѓусебен скор.
Според правилата, за да биде одреден пласманот беше консултирана табелата за фер плеј, каде што се бројат жолтите и црвените картони. Во таа категорија Јапонците во трите кола добија четири жолти картони, а Сенегалците шест, па Јапонија го освои второто место во групата, а Сенегал третото.

Ова е првпат во историјата на светските првенства пласманот на репрезентациите да биде одреден со ферплеј-табела. Ако и во таа категорија беа израмнети двете репрезентации, тогаш пласманот ќе беше одреден со ждрепка. А ждрепка еднаш беше влечена на Светското првенство во 1990 година, кога целосно беа израмнети Република Ирска и Холандија. Тие меѓу себе одиграа реми, 1-1, а вкупната гол-разлика им беше 2-2.
Тогаш немаше разделување според фер плејот, па со ждрепка беше одредено Република Ирска да го освои второто место, а Холандија третото. Сепак, според тогашниот формат на натпреварување, и двете репрезентации се пласираа во осминафиналето, Република Ирска како второпласирана, а Холандија како една од најдобрите меѓу третопласираните.