Голот со т.н. ножички на ветеранот Оливие Жиру (34) му донесе победа на Челси над Атлетико, 1-0, на мечот што се одигра на неутрален терен во Букурешт, во првиот осминафинален меч од фудбалската Лига на шампионите (ЛШ). За Жиру тоа беше шести гол во ЛШ сезонава, вкупно 11 сезонава. Атлетико го прими првиот гол по седум меча во Ла лига.
– Ако го гледате Жиру секој ден, нема да бидете изненадени. Тој е одлично подготвен, неговото тело е во форма, неговата физичка подготвеност е на највисоко ниво. Тој тренира како 20-годишник, како 24-годишник, и е фудбалер што има добра мешавина на сериозност и на радост на тренинзите. Секогаш е позитивен, а тоа е битен фактор за сите нас – изјави менаџерот на Челси, Томас Тухел, кој е непоразен на осумте меча во сите натпреварувања откако го замени Франк Лампард на 26 јануари.