Можеби ќе го смените сонот или ќе го ажурирате, но мора да продолжите да се борите за тоа што ве прави среќен, вели Алисон во интервју за магазинот „Фор-фор-ту“, во кој говори и за својата фудбалска кариера и како понекогаш се исплати да не се послуша Јирген Клоп

ФУДБАЛ – АЛИСОН БЕКЕР, ГОЛМАН НА ЛИВЕРПУЛ И НА БРАЗИЛ

Голманот на Ливерпул, Бразилецот Алисон Бекер, во интервјуто за магазинот „Фор-фор-ту“ (fourfourtwo.com) говори за својата фудбалска кариера и како понекогаш се исплати да не се послуша Јирген Клоп. Алисон веќе ги има освоено Лигата на шампионите (ЛШ), Светското клупско првенство, Суперкупот на Европската фудбалска унија (УЕФА) и Копа Америка во 2019 година, плус титулата во англиската Премиер-лига во 2020 година. Потоа, тука се и индивидуалните награди, голман на годината на Светската фудбалска федерација (ФИФА) и „златна ракавица“ на домашно и на меѓународно ниво, номинации за „златната топка“ итн.
– Животот е да се бориш за соништата. Можеби ќе го смените сонот или ќе го ажурирате, но мора да продолжите да се борите за тоа што ве прави среќен. Во фудбалот освојувањето трофеи е главната цел. Сега ми е познато чувството на победа во Лигата на шампионите и сакам да го почувствувам одново – вели Алисон пред продолжението од сезоната во ЛШ.
Во поновата историја на Ливерпул успесите беа поретки од поразите. Лани, по пауза од три децении, „црвените“ ја освоија титулата во Премиер-лигата, а во ЛШ, во воведната нокаут-рунда се сретнаа и беа елиминирани од Атлетико. Алисон не бранеше во реваншот поради повреда.

– Чувството беше многу лошо. Но честитки за Атлетико, не загубивме од слаб тим, ја заслужија победата. Другите натпревари ги гледав како навивач и мислам дека Баерн заслужи да биде шампион – се потсетува Алисон.
Алисон знае што сѐ е потребно за да се освојат најголемите трофеи. Без неговите клучни интервенции, Ливерпул немаше да стигне до Мадрид, да го победи Тотенхем со 2-0 и да ја освои титулата во јуни 2019 година. Пласманот на Ливерпул во осминафиналето му го обезбеди Алисон со одбраната на ударот на напаѓачот на Наполи, Аркадиуш Милик, во решавачките моменти на последниот меч во групата.
– Таа одбрана е дел од историјата на Ливерпул, но, исто така, и дел од мојата историја. Бевме во многу незгодна позиција, моравме да го победиме Наполи на домашен терен и навистина беше тешко. Фудбалерите се навикнати на притисок, тоа е нормално во нашите животи и се обидувам да не се оптоварувам дополнително – истакнува Алисон.
Звучи едноставно, но воопшто не е така. Често станува збор за инстинкти, дури и ако тоа е спротивно на желбите на менаџерот. На првиот полуфинален меч против Барселона на „Ноу камп“ (0-3), во финишот Клоп и неговите помошници му сугерираа на Алисон да оди во 16-те метри на Барселона кога Ливерпул изведуваше корнер. Алисон не послуша, следуваше контра на Барса и 100-отстотна шанса што не ја искористи Осман Дембеле. Меси во неверување легна на земја.

– Сите од клупата ме охрабруваа да одам напред, но јас реков не. Кога голманот ќе оди на корнер, очигледно сака да му помогне на својот тим, но почувствував дека ќе бидам од поголема корист ако останам на мојот гол. Не бев сигурен дека тоа се последните мигови на натпреварот, така што ризикот да се прими четврти гол при контра беше преголем, поголем и од тоа јас да постигнам гол – се насменува Алисон зборувајќи за тие мигови.
Како реагираше на сето тоа Клоп?
– Не сум сигурен дали со Клоп воопшто зборувавме за тоа, не паметам. Можеби сега изгледа како нешто значајно, но тоа е ситуација како многу други на фудбалски натпревари. Клоп, како и секој менаџер, сака да размислуваме и да донесуваме одлуки на теренот. За среќа, таа вечер тоа се покажа како правилна одлука – вели Алисон.

Ливерпул го чекаше тешка задача во реваншот. Не само што требаше да постигне четири гола против Барселона туку требаше и да не прими гол.
– Доживеав слична ситуација претходната сезона играјќи за Рома, кога првиот натпревар во Барселона го загубивме со 1-4, а потоа во Рим победивме со 3-0. Многу луѓе велеа дека ќе биде невозможно. Јас не мислев така. Знаевме дека првата цел ни е да не примиме гол, тоа беше клучно. Требаше да се игра добро, требаше да бидеме смирени и да се држиме до планот. Вакви пресврти се случуваат во фудбалот, но луѓето велат дека никогаш повеќе нема да се повторат – вели Алисон.


„Уживав, не сакав да заврши финалето со Тотенхем“

Финалето на Лигата на шампионите против Тотенхем во 2019 година не беше толку возбудливо за неутралните.
– Знам дека можеби ќе звучи чудно, но тоа беше натпревар на кој уживав најмногу во целата кариера. Смешно е затоа што не сакав да заврши мечот, бев пресреќен што ги доживувам тие моменти. Секако, има многу „пеперутки во стомакот“ додека стапнувате на теренот, играте финале во ЛШ. Адреналинот е на највисоко ниво. Но бев мирен и добро расположен. Неколку часа пред финалето, кога се почувствував вознемирено, во мојата хотелска соба му се помолив на Бога. Сѐ што сакав беше да уживам во тоа, бидејќи знаев каква привилегија е да се игра на таков натпревар – вели Алисон Бекер.