За пласман во полуфиналето ќе играат Баерн – ПСЖ, кои играа во финалето лани, како и Реал Мадрид – Ливерпул, кои се сретнаа во мечевите за европските титули во 1981 и во 2018 година. Другите две двојки од четврт-финалето се Порто – Челси и Манчестер сити – Борусија Дортмунд

Актуелниот европски првак Баерн ќе игра против вицешампионот, Пари сен Жермен, во едното четврт-финале на фудбалската Лига на шампионите (ЛШ). Овој двомеч е реприза на ланското финале на ЛШ, играно во Лисабон (Португалија), во кое Баерн триумфира со 1-0 и ја освои шестата титула европски првак.
Вчерашната ждрепка во седиштето на европската фудбалска унија (УЕФА), Нион, одлучи во уште едно репризно финале, тоа од 2018 година, што го доби Реал Мадрид со 3-1, а и порано, од 1981 година, најтрофејниот со 13 титули, Реал да се сретне со Ливерпул, кој во 2019 година шести пат стана првак на Европа, тогаш во меч за титулата со Тотенхем. Ова е шанса за Ливерпул да му се реваншира на Реал Мадрид, од кого ги загуби последните три натпревари, и тоа финалето во 2018 година, како и две средби во групната фаза во сезоната 2014/2015.
Преостанатите две четвртфинални двојки во ЛШ сезонава се Порто – Челси и Манчестер сити – Борусија Дортмунд. Првите натпревари од четврт-финалето треба да се играат на 6 и 7 април, а реваншите се предвидени за 13 и 14 април.
Според дополнителната ждрепка, во полуфиналето на ЛШ ќе играат подобрите од дуелите Баерн – ПСЖ и Манчестер сити – Борусија Дортмунд, односно од средбите Реал Мадрид – Ливерпул и Порто – Челси. Полуфиналето на програмата е од 27 април до 5 мај. Финалето е закажано за 29 мај, во Истанбул.


ЛИГА ЕВРОПА, ЧЕТВРТ-ФИНАЛЕ
Динамо ќе игра со Вилјареал

Познати се и четвртфиналните двојки во фудбалската Лига Европа (ЛЕ), па за пласман во полуфиналето хрватскиот првак Динамо Загреб, на македонските репрезентативци Аријан Адеми и Стефан Ристовски, ќе игра со шпанскиот тим Вилјареал. Првата средба е предвидено да се игра во Загреб, на 8 април. Реваншот на програмата е на 15 април. Другите двојки од четврт-финалето се Гранада – Манчестер јунајтед, Арсенал – Славија Прага и Ајакс – Ромa.
Европската фудбалска унија (УЕФА) со ждрепка во Нион ги одреди и двојките за полуфиналињата на Лига Европа, па, така, во натпреварите за пласман во финалето ќе се сретнат подобрите од дуелите Гранада – Манчестер јунајтед и Ајакс – Ромa, односно од средбите Динамо – Вилјареал и Арсенал – Славија.
Тие натпревари на програмата се на 29 април и на 6 мај, а финалето е во Гдањск (Полска), на 26 мај.


ЧЕТВРТ-ФИНАЛЕ

1. Манчестер сити – Борусија Д.
2. Порто – Челси
3. Баерн – Пари сен Жермен
4. Реал Мадрид – Ливерпул
мечевите се од 6 до 14 април

ПОЛУФИНАЛЕ
Победник 3 – Победник 1
Победник 4 – Победник 2
средбите се од 27 април до 5 мај