Оџаков беше можеби единствениот Македонец што имаше непосредна средба со англиската кралица Елизабета, кога таа приреди прием за фудбалските репрезентативци на Австралија. Во оваа земја, една сезона беше прогласен за втор фудбалер на годината, а по еднаш беше број еден во државите Викторија и Нов Јужен Велс. Во Вардар не се доискажа и за тоа најмногу жали

ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ: СЕРИЈАЛ ЗА ВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ (212)

Еден од фудбалерите на вардаровата школа што направија извонредна кариера во странство, секако, е Жарко Оџаков. Тој во својата фудбалска биографија запиша 21 настап за сениорската репрезентација на Австралија, од кои 13 беа во квалификациски натпревари за Светското првенство во Мексико во 1986 година и за Олимпијадата во Сеул во 1988 година. Осум пати го облекуваше дресот на Австралија на пријателските средби и на турнирите, кои немаа натпреварувачко значење, туку повеќе беа за уигрување на тимот и за престиж.
Токму поврзано со тие настапи за австралиската репрезентација, Оџаков доживеа еден пријатен момент, кој засекогаш ќе остане во неговата меморија. По освоеното прво место во квалификациската група за Светското првенство во Мексико во 1986 година, кралицата Елизабета, која со сопругот била во посета на Австралија, по повод овој спортски успех изразила желба да се сретне со фудбалерите, кои ја воодушевиле нацијата.
– Сите фудбалери бевме изненадени, но и задоволни од покажаната желба на англиската кралица да се сретне со нас. За таа цел, челниците на Фудбалската федерација на Австралија презедоа сѐ средбата да биде што повпечатлива. За сите репрезентативци беа сошиени исти костуми, па, така, „униформирани“, како што прилега за вакви пригоди, бевме подготвени за приемот кај кралицата, на кој беа поканети и нашите сопруги. И сега, да го кажам она што мене најмногу ме возбуди. Имено, кога кралицата со сопругот влезе во свечената сала и ни отпоздрави, се упати кон мене и сопругата. Двајцата бевме изненадени, а кулминација на сѐ беше непосредниот и срдечен поздрав и размената на неколку реченици, во стилот на она како сте, како е овде во Австралија, на кое ниво е фудбалот и слично. Оваа средба нема никогаш да ја заборавам, зашто протоколот на кралицата е многу строг, не може кој сака да се поздрави и да разговара со неа, таа самата ги избира личностите. И ете, за среќа, таа дојде кај нас. Потоа, на сметка на ова, на соиграчите во шега им велев, знае каде да дојде, гледате ли колку сме значајни за неа – вели Жарко Оџаков.
Ова беше незаборавната епизода за сопружниците Оџакови, а сега да видиме како стигна вардаровото дете до тие височини да стане сениорски репрезентативец на Австралија.

СЕЛЕКТИРАН ОД ВАНЧО ТРПЕВСКИ

Во минатиот век, во Вардар се водеше голема сметка за квалитетот на тренерскиот кадар, зашто од него зависеа и резултатите на клубот. Во стручниот штаб беа вклучени претежно поранешни фудбалери, кои прераснаа во легенди на клубот. Да ги споменеме Шулинчевски, С. Мојсов, Спасовски, Трпевски, Дончевски, Дојчиновски, Илиевски и Божиновски, за да стане јасно за какви фудбалски ликови се работеше.
– Што се однесува до мене, јас бев откриен од Ванчо Трпевски. Тој беше тренер со големо искуство и чувство да процени кој е талентиран. Постојано одеше низ училиштата и ги следеше натпреварите меѓу нас, со единствена цел да ги одбере оние вистинските што подоцна ќе продолжеа во пионерскиот погон на Вардар. Кога еден ден и мене ми кажа да дојдам во клубот за да почнам да тренирам, бев одушевен. Никако не сакав да ја испуштам шансата и да го разочарам Трпевски. Затоа, давав максимум на тренинзите и така брзо стигнав до првата постава на пионерскиот тим. Со Вардар, а и со пионерската репрезентација на Македонија учествувавме на турнири, од кои најпознат беше оној во Борово. Потоа, брзо влегов и младинскиот состав и до младинската репрезентација на Македонија. Брзо напредував и заиграв и за младата репрезентација на Југославија, за која настапив во квалификациите за Европското првенство во Монако. Во тоа време, бидејќи „ловеше“ фудбалери од младинските селекции, за мене беше заинтересирана и Црвена звезда. Бев млад и не сакав да ризикувам, останав во Вардар и го чекав моето време. Конечно, она што го чекав го дочекав во 1974 година, кога со неколку мои врсници потпишавме професионални договори. Веќе знаев дека на мене сериозно се смета и нема шега, мора да загризам за да ја оправдам довербата – ја почнува својата приказна Жарко Оџаков.

КОМПЛЕКС ОД ДОМАШНАТА ПУБЛИКА

Кога на сцената требаше да стапи младата гарнитура, во која беше и Оџаков, од клубот заминаа неколку постари фудбалери врз кои се темелеше играта, па така се случи во 1976 година Вардар да се пресели во Втората лига. Тоа беше вистински шок за многубројната армија навивачи, но тука немаше што да се прави. Во решавачкиот натпревар за опстанок, Вардар беше поразен од нишки Раднички и мораше да оди во понизок ранг.
– Одиграв неколку натпревари во Првата и во Втората лига, кога на кормилото на клубот беше Маровиќ. Тој беше тренер со чудни сфаќања. Некогаш немаше верба и во сопствените играчи. Наместо кога не оди да им помага и извлече од кризата, тој го правеше спротивното. Еве еден пример што лично многу ме разлути. Имено, на мечот со Вележ, кога одевме во еден напад, им довикна на играчите да не ми додаваат топка. Тоа ме изнервира и кога ја примив топката, распалив и постигнав гол, и тоа против репрезентативниот голман Енвер Мариќ. Со овој погодок го замолчев тренерот, кој во тие мигови не знаеше како да реагира, зашто она претходно реченото не можеше да го повлече. Но за да не се нервирам и добро да размислам каде ќе продолжам, решив да заминам на отслужување на воениот рок. Откако ја исполнив и таа обврска, нормално, патот ме водеше повторно во Вардар. Сега тренер беше Бобек, кој во 1979 година го врати клубот во Првата лига. Тој беше сосема различен во приодот кон играчите од оној што го имаше Маровиќ. Затоа, решив да останам во Вардар. Бобек беше извонреден и како човек и како тренер. Со него имав добра соработка и тој постојано ми ја креваше самодовербата. Но уште од минатото како да бев под некој притисок. Не знам, еве и денес не можам да го објаснам тоа, како да добив комплекс од публиката. Секој мој потег, особено некое непрецизно додавање и проигрување беше проследувано со свирежи. Тоа многу ме погодуваше, и мислејќи да не погрешам, како за беља ќе направев грешка. Затоа, Бобек често ми велеше опушти се, играј слободно. Но, и покрај неговото храбрење, мислам дека во Вардар останав недоискажан, за што и денес жалам. А, што е интересно, на туѓ терен бев меѓу најдобрите. Стравот беше само пред домашната публика. Токму овој момент одигра решавачка улога да заминам од Вардар – вели тој.

Така, во 1983 година, кога тренер во Вардар беше Вишњевац, Оџаков, не можејќи да се адаптира на неговите тренинзи, замина да игра мал фудбал во екипата на Форс од Кливленд, Охајо. Таму добро му одеше, но, сепак, не беше тоа она вистинското. Затоа, кога ја доби поканата да заигра за Престон Македонија, во кој веќе беше неговиот другар од Вардар, Џони Тодоровски, веднаш ја прифати и замина во Мелбурн, Австралија. Таму почнува една нова ера во неговата фудбалска кариера.
Она што не успеа да го покаже пред своите гледачи на Градски, во далечната земја го правеше на чудесен начин и стана миленик на публиката. За него сѐ почесто се говореше во фудбалските кругови, а неговите игри секогаш добиваа високи оценки. Таму во вистинска смисла на зборот стана ценет фудбалски мајстор.
За настапите во другите клубови, како и за репрезентацијата на Австралија, ќе читате идната недела.


ЖАРКО ОЏАКОВ

Роден: во 1955 година во Дојран
Кариера: Вардар, Престон Македонија, Кроација Сиднеј, Блектаун, младинска репрезентација на Македонија и на Југославија, сениорска репрезентација на Австралија
Успеси: одиграни околу 230 првенствени и пријателски натпревари за Вардар, прогласуван за фудбалер број два на годината на Австралија и фудбалер број еден на годината на Викторија и во Нов Јужен Велс, одигра 21 натпревар за сениорската репрезентација на Австралија