Додека бројните навивачи на Њукасл го славаат саудиското преземање на клубот, сопствениците на останатите екипи од англиската Премиер-лига изразија загриженост, а зделката наиде на осуда и од страна на повеќе организации за заштита на човековите права. Њукасл стана најбогатиот светски клуб откако саудискиот државен фонд (ПИФ) чиј капитал се проценува на 320 милијарди евра (11 пати поголемо богатство од она на сопственикот на Манчестер сити шеик Мансур бин Зајед ал-Најан), откупи 80 отсто од уделот во англискиот клуб во четвртокот, во зделка вредна околу 350 милиони евра.

Останатите англиски клубови бараат следната недела да биде одржан итен состанок, откако изразија загриженост дека саудиското преземање на Њукасл би можело да го загрози брендот на Премиерлигата.

Властите во Саудиска Арабија ја отстрани забраната за катарската телевизија „Беин Спортс“ која ги поседува телевизиските права за мечевите од англиското првенство и вети дека ќе ги затвори интернет-страниците кои нелегално емитуваа преноси од Премиер-лигата, во рамки на зделката за Њукасл. Згора, тие успеаја да го убедат раководството на Премиер-лигата дека државата нема да биде директно вклучена во управувањето со Њукасл, и покрај тоа што ПИФ е под надзор на саудискиот принц Мохамед бин Салман.

Невладината организација „Амнести интернешнл“ го потенцираше убиството на саудискиот новинар Џамал Кашоги како причина против реализацијата на саудиското преземање на Њукасл, кое пак, свршеничката на убиениот новинар, Турчинката Хатиџе Ченгиз, го опиша како „навистина тажно и вистински срам за Њукасл и за англискиот фудбал“. Познатиот новинар и колумнист на „Вашингтон пост“, Кашоги, беше убиен по влегувањето во саудискиот конзулат во Истанбул во 2018 година. Новинарот на возраст од 59-години го посетил конзулатот за да ги достави личните документи во пресрет на неговата свадба со свршеничката Ченгиз. Тој никогаш не го напуштил објектот, каде што се верува дека бил брутално убиен.

Англиските медиуми веќе лицитираат со можните трансфер цели на Њукасл во зимскиот преоден рок, меѓу кои се спомнуваат Ришарлисон (Евертон), Филипе Кутињо (Барселона), Мауро Икарди (ПСЖ), Ентони Марсијал (Манчестер јунајтед)… Како најсериозни кандидати за менаџерската функција во Њукасл важат Антонио Конте, Френк Лампард и Стивен Џерард. Њукасл моментно ја зазема претпоследната позиција во Премиер-лигата со три освоени бода од седум одиграни натпревари.